Motherhood

Добриот татко ја почитува мајката!

Често разговараме за воспитувањето на децата и за тоа што треба, а што не треба да прави добриот родител. Не можеме да го занемариме фактот дека децата учат најмногу од примерот на родителите. Затоа колку и да ги убедувате дека не треба да повишуваат тон, да навредуваат и понижуваат некого, ако тие се секојдневно сведоци на скандали помеѓу вас и партнерот, нема шанси да ги убедите во она што им го наметнувате како совет.

Денес нашиот совет е упатен кон татковците – ако не сакате вашето дете да израсне со раздвоена претстава за тоа што е нормално, а што не, обидете се да ја респектирате и да се однесувате добро со неговата мајка, независно какви се односите помеѓу вас.

Не повишувајте тон!

Знаеме дека жената може да ве изнервира до тој степен, па да сакате да викате толку што не само соседите, но и Господ да ве чуе и да ја вразуми. Но не го правете тоа во присуство на деца. Имајте во предвид дека тоа за нив е насилство и траума што може да им остане за цел живот, така што ќе треперат од ужас секогаш кога ќе чујат некој да се дере.

Физичко насилство!

Ова не го правете ни на само, ни во присуство на деца! Колку и да сте лути, физичкото насилство над жена и тоа пред очите на децата е забрането. Еден вистински маж, за разлика од  некаков пропаднат комплексар и плашливец, секогаш може да се воздржи.

Не зборувајте лошо за неа!

Пред детето не зборувајте лошо за неговата мајка, нејзините пријателки или нејзините роднини. Освен што ова е крајно некултурно, истовремено му покажува на детето дека може да озборува зад грбот на своите најблиски и дека во тоа нема ништо лошо. Но не е така. Затоа максимално воздржете се од вакви коментари упатени на адреса на вашата сопруга.

Ценете го нејзиното мислење!

Кога таа ќе му каже на детето што е правилно и што не, не и противоречете пред него. Не смеете исто така да се обидувате да го придобиете детето на своја страна велејќи му дека мајка му е лошата или непријател против кого треба да се борите. Ако има воопшто некакви групи во семејството, тогаш вие и жената треба да сте од една иста група чија цел е да ги воспита правилно децата.

Научете да се извинувате!

Нема ништо пожално од тоа еден маж да се прави премногу горд и секогаш во право, дури и тогаш кога знае дека ја оплескал работата. Да кажеш извини на жената до тебе е всушност многу по машка особина отколку да го дигнеш носот како навредена госпоѓица. Сите луѓе грешат, но не сите имаат храброст да си ја признаат грешката. Извинувањето ќе му покаже на детето дека проблемите помеѓу мажот и жената не се крај за врската, туку само дел од неа.

Напиши коментар