Научи се да кажеш не, грижи се за внатрешната убавина, свати дека убава е онаа жена која сјае и плени со својата личност, а не само со физичкиот изглед. Немој да дозволиш да се изгубиш себе си поради момче и никогаш немој да се споредуваш со другите, се некои од мудрите реченици кои треба да ги подготвите за вашата ќерка…
Таа ваша мала миленичка од пајче станува прекрасен лебед, кој има многу соништа во животот, а вие сакате да и помогнете со своето искуство и поддршка. Ако некогаш во главата ви се вртат милион совети, но не знаете како да ги пренесете на вистинскиот начин, ние ќе ви помогнеме со предлозите за тоа што и како да им порачате на вашите принцези.
Материјалните нешта нема да те направат среќна
Во моментот кога си жедна да имаш некоја чанта или чевли, најверојатно нема да бидеш среќна додека не ги добиеш. Но, не заборавај дека тие работи во еден момент ќе станат застарени. Вистински ќе бидеш исполнета дури тогаш кога ќе научиш да го цениш она што веќе го имаш, а се однесува на љубовта и малите нешта кои те прават среќна.
Грижи се колку си убава внатре
Сосем е во ред да се обидуваш секогаш да изгледаш убаво. Но доколку е тоа се што те интересира, тогаш не си на вистинскиот пат. Не заборавај дека вистинската убавина доаѓа од внатре. И не, тоа во никој случај не е глупава фраза. Убава жена е онаа која сјае, бидејќи е задоволна и плени со својата личност.
Немој да се изгубиш себе заради некој друг
Целта е да најдеш момче на кое ќе му се допаднеш онаква кава што си. Немој да се преправаш дека си луда по фудбалот, дека обожаваш Формула 1, само поради тоа што нему му е супер. Исто така немој да се преправаш дека не гледаш романтични филмови, поради тоа што тие му се нему досадни. Жртвување за врската мора да постои, но никогаш немој да се изгубиш себе. Момчето кое те сака ќе го прифати твоето вистинско лице.
Научи да кажеш НЕ
Во овој свет мораш да научиш да се бориш со луѓето, и не смееш пред сите да ја спушташ главата, покажи го твојот став. Суптилно,женствено, интелигентно, но нека знаат сите дека имаш свое ЈАС. Често ќе се соочиш со многу тешки избори. Затоа секогаш слушај го оној глас во главата кој тивко, но упорно ти повторува дека она што го правиш можеби не е во ред. И научи кога и на кого да му кажеш НЕ.
Не се споредувај со другите
Можеби ова нема да ти се допадне, но секогаш ќе има некоја поубава, поталентирана, поуспешна и побогата од тебе. Но, тоа никако не значи дека другата личност е подобра или посреќна. Животот не е натпревар,тое е едно патување, и затоа живеј го на најдобар начин.
Пријателите ќе ти го разубават животот
Кога еднаш ќе пронајдеш вистинска пријателка, верна и полна со доверба, чувај ја како нешто највредно во животот. Момчињата доаѓаат и си одат, но вистинската пријателка ќе биде со тебе до крајот на животот, во добро и во лошо.
Прво мораш да се сакаш себе
Нема да му се допаднеш секому, доколку не си се допаѓаш самата на себе, и тоа е нормално. Жените често опсесивно сакаат сите да ги прифатат, но тоа е невозможно. Единствената личност која апсолутно мора да те сака во секој миг си ти самата.
Сексот мора да биде забавен
Не треба да брзаш со сексот, но кога ќе се почувствуваш целосно подготвена, не заборавај – тој треба да биде убав. Ако на партнерот не му е важно да се чувствуваш убаво, тогаш тој не е вистинскиот избор за тебе.
Не е секој проблем крај на светот
Ако секое разочарување со кое ќе се сратнеш го доживееш како најголем удар во животот, никому нема да му бидеш симпатична. Затоа гледај ги работите од поинаква перспектива. Кога ќе се соочиш со некој проблем, запрашај се дали тоа навистина ќе ти биде важно и за пет дена (месеци, години). Не ги губи нервите на неважни работи.
Кажи што мислиш
Кога за нешто имаш мислење или кога чувствуваш дека некој не се однесува фер кон тебе, кажи го тоа гласно. Реагирај на неправдата. Тоа е твое право и обврска. Можеби со тоа некому ќе му го подигнеш притисокот, а можеби и ќе го импресионираш. Двете се во ред.
Иако понекогаш се караме – мојата љубов е безусловна
Ќе има денови кога ќе ме мразиш за нешто и кога нема најдобро да се сложуваме, но не заборавај дека јас, твојата мајка, во секој миг најмногу те сакам и секогаш ќе бидам тука за тебе. Се додека дишам.
