Некои луѓе парфемот го споредуваат со музика, затоа што е составен од различни ноти кои што создаваат хармоничен мирис. Различните ноти се појавуваат со текот на времето. Прво се чувствуваат главните, па средните и на крајот основните ноти на парфемот.
- Горни површински ноти. Тоа е мирисот кој што се добива веднаш по нанесувањето на парфемот. Горните ноти брзо исчезнуваат, но се важни затоа што го создаваат првиот впечаток за парфемот.
- Средни ноти. Откако ќе исчезне мирисот на главните ноти, се појавува аромата на средните. Тие се срцето на парфемот и понекогаш служат за да ја прикријат и маскираат непријатната арома на основните ноти. Најчесто овие ноти може да се почувствуваат во периодот од две минути до еден час по нанесувањето на парфемот.
- Основни ноти. Спојот на средните со основните ноти всушност е главниот мирис на парфемот. Основните ноти испаруваат бавно, му даваат длабочина на парфемот и не можат да се почувствуваат додека не поминат 30 минути од нанесувањето на парфемот.
КАКОВ ПАРФЕМ ДА ИЗБЕРЕТЕ?
Секогаш внимателно избирајте парфем, во зависност од годишното време и според тоа за каков повод ќе го користите.
Изберете си парфем со лесна, пријатна и свежа арома за летните месеци. Потешките парфеми користете ги во зима. Во текот на денот користете парфеми со посвежа и слаба арома, а поинтензивните парфеми нанесувајте ги за вечерни прилики.
Најчесто на шишенцата или опаковките ги среќаваме ознаките Eau de Parfum (EdP) иEau de Toilette (EdT). Eau de Parfum значи дека парфемот има поинтензивен мирис кој исчезнува побавно, а Eau de Toilette означува дека концентрацијата на етерични масла е пониска. Тоалетната вода нема многу силен мирис, па најдобро е да се употребува во текот на денот, а парфемот за посвечени прилики.
Дали ќе користите парфем или тоалетна вода зависи од вашиот избор и се разбира од вашиот буџет, затоа што парфемот е секогаш поскап.
КАКО ДА ГО ТЕСТИРАТЕ?
Кога сакате да тестирате нов парфем, најважно е претходно да не сте искористиле друг парфем или продукт за тело со посилна арома. Кожата треба да ви биде чиста и да се наоѓате во добро проветрена просторија.
Најдобро е да го тестирате на вашата рака, затоа што парфемот мириса на различен начин на кожата на различни луѓе. Нанесете го парфемот и почекајте неколку минути. Парфемите секогаш придобиваат нова нота откако ќе помине извесно време. Не тестирајте повеќе од 4 парфеми одеднаш.
