Алкохолните пијалоци, особено црвеното вино, доколку се конзумираат во умерени количини, можат да бидат лек против многу заболувања, тврди новинарот Тони Едвардс кој направил многу студии на оваа тема.
Во книгата “The Good News About Booze” тој вели дека алкохолните пијалоци, а особено црвеното вино, може да бидат одличен лек против настинки, срцеви пореметувања, но и проблеми со либидото.
За потребите на книгата, Едвардс проучил бројни студии кои се објавени ширум светот, меѓу кои е и истражувањето на научниците од престижниот Универзитет Харвард кои во текот на 12 години прателе 12.000 мажи кои боледуваат од висок притисок.
Резултатите на оваа студија покажале дека мажите кои пијат (умерено) црвено вино имаат помали шанси да доживеат срцев удар.
Виното штити од појава на рак. Имено, жените кои секојдневно пијат вино имаат 42 проценти помали шанси да заболат од рак на дојката, додека мажите кои пијат четири чаши неделно ја намалуваат опасноста од развој на рак на простатата, желудникот и дебелото црево.
Канадските истражувачи пак, констатирале дека луѓето кои повремено пијат вино имаат 13 проценти помали шанси да заболат од дијабетис.
Црвеното вино е ефикасно и во борбата против настинка. Едвардс тврди дека една чаша бело вино е доволна да се отстранат сите симптоми и да се намалт шансите за 88 проценти од повторување на настинката.
Алкохолните пијалоци, исто така, знатно го подобруваат либидото. Истражувањето кое во 2009. го спровеле италијанските научници открило дека жените кои редовно пијат вино имаат исполнет сексуален живот.