← НАЗАД НА БОЗА

Диета со јогурт

Диета со јогурт
732 Читања

Диетата со јогурт претставува план за исхрана кој вклучува консумирање на јогурт во големи количини.

Ова не е диета во вистинската смисла на зборот, зад која стои одреден автор и строго утврден план за исхрана, туку повеќе станува збор за диета која кружи помеѓу народот и на интернет и постојат полно различни верзии. Инаку, детално разработена диета со јогурт може да се најде во истоимената книга на авторката Ен Лук.

Делувањето на диетата со јогурт се заснова на својството на пробиотичките јогурти да го стимулираат развојот на здрава цревна флора, како резултат на што храната побргу се вари, се отстрануваат отровите од организмот и доаѓа до губење на килограмите. Кога храната убаво ќе се вари се подобрува и здравјето на цревата и општата здравствена состојба на организмот. Цревната флора е составена од различни бактерии кои живеат во дигестивниот тракт на човекот и кои имаат функција на заштита на организмот од инфекции.

Во човековиот организам има од 400 до 500 различни видови на бактерии повеќето од кои делуваат позитивно на организмот. Останатите се потенцијално опасни, особено кога цревната флора не е урамнотежена. До неурамнотеженост може да дојде поради стрес, лошо здравје, консумирање на антибиотици и лоша храна. Се препорачува да се пие до 2 литри јогурт секој ден. Со јогуртот може да се јаде свежо овошје, а треба да се избегнуваат зашеќерени јогурти.

Според верзијата на Ен Лук, јогуртот не се пие сам туку со него се препорачува да се консумира храна од дозволената листа.

Една од верзиите на јогурт диетата изгледа вака:

Прв ден

Појадок: Овошен или обичен немасен јогурт со житарки по желба.
Ручек: Издинстајте зеленчук на маслиново масло и на крај измешајте го со варен ориз. Не смеат да се додаваат никакви зачини освен сол и бибер. За десерт изедете овошен јогурт.

Вечера: Пред спиење ќе ве засити салата со шунка и морков. Изрендајте еден морков, една јаболка и исечкајте 50 гр. шунка па сето тоа пропржете го на маслиново масло. Потоа измешајте го со немасен јогурт.

Втор ден

Појадок: Таратур подготвен од краставица исечена на коцкички и измешана со јогурт.
Ручек: Посолете и попарете малку мисиркино месо исечкано на коцкички и испечете го на маслиново масло. Додајте исечкани шампињони, еден домат и пиперка. Кога зеленчукот ќе омекне додајте јогурт.

Вечера: Две чаши јогурт измешајте со мешано шумско овошје.

Трет ден

Појадок: Со јогурт измешајте сирење, исечкано јаболко, малку цимет и на крај малку посолете и попарете.

Ручек: Испечете 150 гр. филе од ослич, а како прилог направете салата од јогурт, исечкана краставица и малку сенф.

Вечера: Сварете 100 гр. тестенини, додајте една исечкана пиперка и варено јајце. Се заедно измешајте со јогурт.

Пробиотичките јогурти се сигурно добри за здравјето, но до сега не постојат цврсти научни докази кои ја поврзуваат диетата со јогурт со слабеењето или со претходно изнесените теории за јогурт диетата. Краткотрајната примена на оваа диета од 2-3 дена сигурно нема да им наштети на луѓето, но не се препорачува нејзино подолго спроведување.

Диетата е многу популарна бидејќи оброците лесно се подготвуваат, предвидената храна не е скапа и е насекаде достапна.

Коментари

© 2011 boza.mk | Дизајн - element.mk