Постои начин да го поправите скршениот нокт, така што разликата нема да се забележи. Ќе ви биде потребна само една кесичка од чај (било кој), малку трпение и добра волја!
Потребен материјал:
Лепак за нокти
Една филтер кесичка од чај
Безбоен лак за нокти
Ножици
Пинцета
Турпија за полирање на ноктите
Многу е важно пред да започнете со процедурата во потполност да го исушите ноктот и да ги отстраните од него сите производи, на пример: лакот или кремата за раце, користејќи медицински алкохол.
Чекор 1: Отворете ја кесичката од чај и истресете ја содржината, па исечете ја онаа страна која ќе ја користите. Потоа измерете ја ширината на вашиот нокт и исечете ја кесичката: особено е важно да ја исечете што поприближно до обликот на ноктот, за да може кесичката да го прекрие целиот нокт и пукнатаината.
Чекор 2: Сега ќе ви биде потребен лепак за нокти кој ќе го намачкате преку целиот нокт, па врз него ќе ја ставите кесичката од чај. Внимавајте да не останат меурчиња од воздух под кесичката.
Чекор 3: Откако лепакот ќе се исуши, исечете го долгиот дел од кесичката до врвот од ноктот. Преку него намачкајте уште еден слој лепак и почекајте да се исуши.
Чекор 4: За следниот чекор ќе ви биде потребна турпија за полирање на ноктите, за да ги израмните нерамнините од лепакот. Можете да започнете од врвот на ноктот, а потоа започнете со благо полирање на површината на ноктот.
Чекор 5: Нанесете безбоен лак кој дополнително ќе ги израмни нерамнините, почекајте да се исуши и на самиот крај, ставете ја саканата боја на лак. Со малку труд, сите нокти ќе останат здрави.