Иако постојат многу различни продукти и козметички процедури за отстранување на стриите, сепак најбезбеден и најефективен начин да имате тело без стрии е превенцијата.
- Спречете го брзото слабеење или дебелеење. Доколку сакате да слабеете, не избирајте екстремни диети со кои се губат многу килограми за кратко време. Строгите диети влијаат негативно не само врз кожата, туку и врз целосното здравје.
- Негувајте ја кожата. Особено внимание треба да ѝ посветите ако сте во пубертет или ако сте бремени, затоа што тогаш кожата претрпува физичко растегнување и во телото настапуваат хормонални промени. Користете хидратантни креми, природни масла (како рицинусово и маслиново) или специјални креми наменети против стрии.
- Практикувајте масажа и ексфолијација. Масажата и ексфолијацијата ја подобруваат циркулацијата. Користете четка или ракавица за подобар ефект. Освен што е добра против стрии, масажата е одлична и против целулит.
- Консумирајте храна богата со протеини, витамини Ц и Е и цинк. Таквата храна го стимулира создавањето на колаген, кој што е неопходен за еластичност на кожата. Вклучете ги во вашата исхрана јајцата, рибата, јаткастите плодови, морковите, цитрусните плодови и млекото.
- Вежбајте редовно, но умерено. Прекумерното вежбање со големи тегови може да придонесе за појавата на стрии. Започнете со најмала тежина, па потоа постепено зголемувајте ја. Така мускулната маса ќе расте малку по малку.