Добрата комуникација е исклучително важна за воспоставување на добар однос родител – дете. Таа во исто време ќе го зајакне односот помеѓу нив и самодовербата на детето.
Комуникацијата помеѓу родителот и детето започнува уште со неговото раѓање, бебето комуницира со плач, насмевка, испуштање на звуци итн. По некое време комуникацијата преминува во вербална комуникација. Но она што е важно да се истакне е дека комуникацијата не значи само разменување на информации, туку споделување на чувства и разбирање на другата личност.
Како да изградите квалитетна комуникација со вашето дете
Мудриот родител е добар набљудувач и активно ќе ја гради комуникацијата со своето дете. Добрата комуникација е потребно да се гради и да се развива постојано. Таа е многу важна и кога станува збор за мало дете и кога станува збор за тинејџер. Еве некои практични насоки како да ја изградите.
Ставете му на детето до знаење дека сте заинтересирани за него, дека сте вклучени во неговиот живот и дека ќе му помогнете секогаш кога ќе има потреба од помош.
Кога вашето дете сака да ви каже нешто, исклучете го телевизорот или компјутерот, оставете го весникот, не разговарајте на телефон и покажете му дека го слушате со целосно внимание.
Не дозволувајте за време на разговорот да ви лута вниманието, детето тоа лесно ќе го забележи.
Кога детето ви кажува нешто слушајте внимателно и бидете љубезни. Немојте да го прекинувате додека ви зборува, почитувајте го како што би почитувале и возрасен човек.
Оставете го да ви го каже тоа што сака, наместо да ја извртите суштината на тоа што го зборува и да го префрлите разговорот на друга тема.
Кога ви кажува нешто, немојте да го прекинете со зборовите: Не ме интересира тоа и немој да си се вовлекол во тоа. Наместо тоа, дозволете му да се отвори кон вас.
Покажете сочувство кон детето, немојте да му речете: тоа се глупави чувства – бидејќи за него се многу реални. Наместо тоа дозволете му да ви каже како се чувствува, покажете му дека го разбирате и утешете го.
Кога имате да му кажете нешто на вашето дете, направете го тоа на само, не пред други луѓе. На тој начин ќе воспоставите најдобра комуникација со него.
Немојте да го срамите детето пред други луѓе, така нема да предизвикате добра комуникација туку само негативни чувства.
Ако заради нешто сте многу вознемирени, немојте веднаш да разговарате за тоа со детето. Прво обидете се да се смирите, па потоа почнете го разговорот.
Не прашувајте зошто, туку како нешто се случило.
НИКОГАШ немојте да употребувате навредливи, ниту зборови кои би го потцениле детето како: глупав, мрзлив, неспособен и сл.
Бидете му на детето пример за она што го поучувате. Децата повеќе ќе го следат вашиот пример, отколку вашите зборови. Вашето однесување нека биде во согласност со вашето поучување.
Покажете му на детето дека го сакате безусловно и дека го прифаќате такво какво што е, без разлика на тоа што го направило или не го направило. Покажете му дека проблемот е во неговото однесување, а не во самото дете.
Поттикнете го детето да комуницира со вас и понатаму, со тоа што ќе го пофалите неговиот напор за комуникација. Оставете ја вратата отворена и за во иднина.
За децата е многу важно постојано да се опкружени со позитивно внимание. На многу родители полесно им е да му ги кажуваат забелешките на детето, од колку што ќе го пофалат и ќе му дадат позитивен потстрек. Тоа е грешка.
Пофалните и љубезни зборови, зборовите полни со љубов ќе поттикнат поголема желба кај детето да соработува и да комуницира со вас. Позитивниот потстрек е храна и за самодовербата на детето. Позитивните зборови кои му ги кажувате на вашето дете, ќе имаат влијание и кога ќе биде возрасно.
Охрабрувајте го детето на тој начин што ќе го фалите. Употребувајте ги често следните или слични зборови: добро, одлично го направи тоа, одлична идеја, прекрасно, така треба, се радувам што си мое дете итн. Прегрнувајте го, смејте се со него (не го исмевајте него) и секојдневно покажувајте му ја вашата љубов.
