Овој крем сигурно сте го пробале кога сте јаделе еклери. Јас го обожавам, а мислам дека и вие. Не сите слаткарници го прават со вакви квалитетни состојки, туку користат замена за млеко и јајца, затоа и филот е многу бел. Се е подобро кога ќе се направи дома. Еве како да го направите вие дома, лесно и брзо. Освен како фил за еклери, може да го употребите и како крем или фил за мафини и во милион комбинации кои ќе ви дојдат на памет.
Потребно е:
- 300 мл млеко
- 50 гр шеќер
- 2 лажици брашно
- 2 лажици нишесте
- 3 жолчки, на собна температура
- 1 лажица екстракт од ванила
- 1/2 лажиче ликер, по желба
- прстофат сол
Подготовка: Млекото ставете го во тенџере и загрејте го на средна температура.Во длабок сад ставете ги шеќерот и жолчките. Со жица за матење изматете ги додека да се добие бледо жолта боја. Додадете ја солта. Додадете ги брашното и нишестето, просејувајќи ги низ сито и измешајте додека да се соедини се. На крај, ставете ја ванилата. Земете една црпалка од топлото млеко и ставете го во смесата со жолчки. Мешајте брзо со жица за матење за да не се зготват жолчките од топлото млеко. Ова се прави за да се загреат жолчките и да не се сварат кога ќе се стават во топлото млеко. Ставете уште една црпалка и измешајте.Потоа, целата смеса претурете ја во тенџерето со млеко и мешајте со жица за матење додека да се згусне кремот. Кога кремот ќе се згусне, матете со жица уште 3 минути (за ова време се активираат брашното и нишестето, кои имаат улога на згуснувач) и тргнете го кремот од оган. Додадете го ликерот. Претурете го во длабок сад за да се олади побрзо и покријте го со платична фолија.
Пластичната фолија треба да го допира кремот, во спротивно, врз кремот ќе се создаде кора. Оставете го да се олади во фрижидер, а може и да се чува во фрижидер два до три дена. Пред да го употребите, со жица за матење, размешајте го, за да нема грутки.
За чоколаден крем: Додадете 60 гр рендано чоколадо, кое ќе го додадете во топлиот крем.
За крем со вкус на кафе: Додадете 1 1/2 лажица инстант кафе во топлото млеко.
За овошен крем: Додадете 60 мл пире од овошје по желба во готовиот крем.