Уринарните инфекции кои воглавно се предизвикани од Ешерихија Коли, налето се зачестени. Главните “виновници” се недоволна облека во климатизирани простории, мокри костими за капење, микроорганизмите од базените.
Капењето во базени и води кои не се проверени, како и долготрајно носење на влажи костими за капење и недоволната облека во климатизирани простории, потпомагаат во размножување на бактериите во уринарниот тракт. Затоа уринарните инфекции се многу чести за време на летото.
Ешерихија коли е причина за речиси 40% од уринарните инфекции кои најчесто ги погодуваат жените. Кога оваа бактерија ќе се најде во уинарниот тракт, во брзо време се јавуваат типичните симптоми: зачестено и болно мокрење, заматена или урина со крв и пецкање во долниот дел на стомакот и грбот.
Инфекциите на уринарниот тракт обично настануваат од бактерии кои потекнуваат од дебелото црево и кои нормално се наоѓаат на кожата во пределот на анусот до вагиналниот отвор.
Некои инфекции кај жените се предизвикани од бактерии кои потекнуваат од вагината и кои се наоѓаат на кожата околу отворот на мочниот канал.
Во нормални ситуации, бактериите кои доспеваат во бешиката се елиминираат при мокрењето.
Меѓутоа, слузницата кај некои жени е подложна на врзување на бактериите, за што придонесуваат и лошите навики како долготрајно носење на влажни костими за капење и лесна облека во променливи климатски околности.
За да се заштитиме, важно е да внесуваме доволно течност, најдобро вода, од литар ипол до два дневно.
Исто така, важно е и редовно празнење на бешиката во текот на денот за да се намали времето на престој на бактериите во бешиката и да се спречи нивното размножување.
Мокрењето се препорачува и веднаш по сексуалниот однос, а влажниот костим за капење е најдобро да се смени веднаш по капењето.
