← НАЗАД НА БОЗА

Научете го детето математика пред да почне во училиште!

Научете го детето математика пред да почне во училиште!
519 Читања

Една од областите кои не треба да ги прескокнете при подучувањето на вашето дете во предучилишна возраст е математиката. Развивањето на математичкото мислење и запознавањето со броевите и геометриските форми се многу значајни за развојот на детето.

Но, математиката на децата треба да им биде претставена на забавен начин за да може да ја засакаат истата. Воведете го вашето дете во светот на броевите и геометриските форми преку следните игри:

  • Препознавање на броеви

    Бројките се насекаде, па нема да ви биде тешко да измислувате игри каде и да се наоѓате. Започнете од основата и запознајте го вашето дете со броевите со тоа што ќе побарате од него секогаш кога ќе здогледа некој број, да го кажува на глас. Додека се движите по улицата, истражувајте ги броевите на куќите, додека патувате со автомобил, барајте броеви на регистрациите на автомобилите или на рекламите. На пример, кажете му на вашето дете да го пронајде бројот 2 на регистрациите околу вас. Можете да ја „збогатите“ играта и да побарате да ви каже и каква боја е автомобилот чијашто регистрација го содржи бројот 2.

  • Учење на последователноста на броевите

    На лист хартија напишете ги без редослед броевите од 1 до 10. До секој број ставете голема точка. Дајте му молив на вашето дете и побарајте да ги спои точките, започнувајќи од точката до бројот 1 и завршувајќи со точката до бројот 10.

  • Броење во природа

    Додека сте на прошетка во паркот, бројте ги работите кои ве опкружуваат. Прашајте го колку луѓе одмараат на клупата, колку деца трчаат низ тревата, колку дрва ве опкружуваат, колку птици има на дрвото.

  • Броење на движења

    Ова е интересна домашна игра со која се комбинираат броењето и движењето на детето, а можете и вие да се приклучите во неа. Застанете еден до друг и прво вие кажете еден број од 1 до 10 и побарајте вашето дете да направи толку чекори. Потоа, детето нека каже број, а вие направете соодветно толку чекори.

    Ако сакате да му биде позабавно, пуштете музика и вие кажувајте броеви, а тоа нека скока во ритамот на музиката онолку пати колку што сте му кажале.

  • Телефонски број

    На лист напишете го телефонскиот број на ваша пријателка со големи букви и дајте му го телефонот на вашето дете. Нека се обиде само да ги сврти напишаните броеви еден по еден. Така тоа ќе се вежба да ги препознава бројките и да чита од лево кон десно.

  • Математички плочки – препознавање на форми, групирање, броење, решавање на проблеми

    Извадете математички плочки со различни бои и форми и ставете ги пред вашето дете. Побарајте од него да ги раздели во групи според бојата – во една група сини, во друга црвени или пак според формата – во една група триаголници, во друга кругови и сл. Откако ќе ја исполни таа задача, побарајте да изброи по колку плочки има во секоја група. На тој начин ќе му ја зголемите способноста за препознавање и сортирање на геометриски фигури и способноста за броење.

    За да му ја развиете способноста за решавање на проблеми, можете да побарате со помош на плочките да создаде различни нешта, на пример, куќа или автомобил.

    Доколку гледате дека некоја од задачите му е тешка за исполнување, прво направете ја заедно неколку пати, а потоа оставете го да ја направи самостојно.

Коментари

© 2011 boza.mk | Дизајн - element.mk