Драг тато,
Веќе долго време те барам. Сите обиди ми се неуспешни, а надежта дека ќе те најдам е се помала. Некаде во најцрната длабочина на душата ја чувам реалноста, не и дозволувам да исплива. Знаеш, верувам дека ќе се вратиш. Се уверив себе си дека си отишол на службен пат и дека си се изгубил на патот до дома, или можеби си го изгубил поимот за времето кога си си седнал под некоја стара бреза да читаш, или пак можеби патуваш по светот барајќи го најубавиот цвет за мама… каде и да си, морам да ти кажам дека сум лут на тебе. Лут сум и ти наредувам да се вратиш за да те искритикувам за овие седум години самотија кои ми ги приреди.
Знаеш ли дека ти замерувам на секој тажен поглед на другите татковци? Ти замерувам за секоја солза на мама. Ти замерувам што не ми кажа дека си одиш. Ти замерувам што не те ценев повеќе. Ти замерувам што и сега те сакам повеќе од сите и после овие седум години. Но најмногу од се, драг тато, ти замерувам што не ја чекаше вечерата онаа вечер. Можеби си заборавил, бевме заедно на риболов. Замисли ја таа иронија, стоевме на мостот, а мамец ни беше срцето кое го поделивме на два дела. Ти немаше среќа, а јас уловив клен. Беше тоа мојот најголем улов.
Се вративме дома, и додека јас се спремав за вечера, тебе те совлада сонот. Те оставива да спиеш, а вечерата… Јадев сам, и тоа продолжи во наредните 2550 ноќи. Е, тоа ти го замерувам драг тато.
Мама е исто така лута зошто не ни се јавуваш. Чувствувам дека и таа уште чека да се вратиш. Често е тажна и сето тоа оди на твоја душа, господине. Јас сум сега глава на куќата и добро ми оди, иако не знам да ги поправам прозорците и салбо се снаоѓам во дуќанот. Во сето тоа се губам себе, како што те изгубив тебе. Но, не велат бадијала она што нема да те убие, ќе те направи посилен. Сета болка, навреди, тешки зборови и мисли ги ставам во џебовите, што се веќе развлечени, па ги фрлам зад аголот во темница кога нема никој. Во чуден однос сме јас и мојот живот: кога тој мене ќе ми ја подметне ногата, јас нему ќе му удрам шлаканица и така во недоглед. Сето тоа морав да го научам.
Сепак, ти ми ја остави наголемата поддршка на светот, посилна и од најсилниот челик, мама. Мислам дека никогаш не си ни дознал колку снага има таа жена. Но знаеш, понекогаш и таа има потреба од поддршка. Не сум сигурен дека давам се од себе, но знам дека таа ми е највредното нешто во овој минлив свет и знам дека срцето би го откорнал од градите за неа.
Веќе долго време не тренирам taekwon do, но и понатаму ги чувам црвените нараквици што ти ми ги купи. Сега одам на одбојка, и верувај ми често те замислувам како ме гледаш со гордост во очите. Жал ми е што не можеш да ги видиш моите успеси и порази, а тоа е воедно уште една работа за која ти замерувам. Она што ќе го напаравам за тебе е тоа што ќе завршам училиште и ќе станам човек каков што ти ме замислуваше.
Што се однесува на твојата идна снаа, тука ништо конкретно не можам да ти кажам. Мама веќе се однесува како права свекрва и се обидува да ја пронајде онаа идеалната за мене, која според неа и не постои. Јас верувам дека сето тоа на крајот ќе биде добро и дека јас и ти, ако даде Бог, повторно ќе се сретнеме. Знаеш дека сите овие замерки се само одраз на мојата желба да бидам со тебе, да те прегрнам. Тие се одраз на мојата желба за твоите тешки раце кои служат за најтоплата прегратка.
P.S Сите вие до кои ќе стигне ова писмо во шише, по пошта или пак по некој друг пат, ве молам да го испратите понатаму за да може да дојде до него. Можеби мојот татко ќе го пронајде патот до дома, ќе се врати од службен пат или ќе го прекинете во читање. Драг мој тато, јас те чекам на истата адреса. Куќа број 66 со две борчиња. Врати се.
Твојот Елвин
