Изразениот подбрадок додава килограми, па многу жени се нервираат кога фотографиите овековечиле некоја нивна лоша поза, односно кога ја уловиле нивната двојна брадичка во полн сјај. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да ја сокриете двојната брадичка од објективите:
- Насмевнете се со јазикот поставен зад горните предни заби. Поставете го врвот на јазикот на горната вилица, веднаш зад предните заби и тогаш насмевнете се. Така подбрадокот се стегнува и тој ќе остане невидлив за фотоапаратот. Можеби на почетокот ќе ви биде чудно да се смеете на ваков начин, но откако ќе повежбате пред огледалото, ќе видите дека сепак изгледате природно.
- Прикријте го подбрадокот со шминка. За нас жените е полесно, бидејќи можеме да користиме мејкап трикови за да го маскираме подбрадокот. Нанесете потемно руменилона областа веднаш под вилицата и брадичката. Започнете да контурирате зад левото уво и завршете зад десното.
- Носете ролка или марама. Блузите со висока јака можат целосно да го покријат вратот и да ви овозможат воопшто да не се грижите за двојната брадичка. Истата функција можат да ја имаат и модерните марами.
- Кога некој ве фотографира оддолу… Придвижете ја главата малку нанапред и навалете ја на едната страна. Така вратот ќе се затегне и вашиот подбрадок нема да излезе на виделина. Навалувањето на главата настрана ќе ви помогне фотографијата да не ја вклучува внатрешноста на вашите ноздри.
- Одржувајте исправена положба на телото. Седењето во неправилна положба е една од причините за опуштање на мускулите по целото тело, вклучително и мускулите на вратот. Подгрбавеноста е лоша не само за ‘рбетот, туку и за изгледот. Научете како да седите исправени, со исправени глава и рамена.
- Внесувајте храна богата со витамин Е. За да си го подобрите изгледот и еластичноста на кожата, потребно е да внесувате доволно количество витамин Е, а најдобар начин да го направите тоа е преку исхраната. Богат извор на витамин Е се јаткастите плодови (бадеми, лешници и кикирики), авокадото, спанаќот, брокулите и слаткиот компир.
- Вежбајте и ако имате вишок килограми, ослабете. Прекумерната телесна тежина е можеби најчестата причина за појава на многу видлив подбрадок. За негово елиминирање, потребно е прво да го доведете своето тело во форма. Со слабеењето ќе ги намалувате и масните наслаги кои се натрупале под брадичката. Се разбира, од големо значење тука е и исхраната. Минимизирајте го внесувањето на мрсна храна и насочете се кон здравите овошни плодови и зеленчуци.
- Користете крем со заштитен фактор и на вратот. На плажа го заштитуваме лицето, но забораваме да ја заштитиме нежната кожа на вратот. Долгото изложување на сонце ја намалува еластичноста на кожата и со текот на годините таа може да овисне. Затоа, додека се сончате, задолжително заштитете ја и кожата на вратот.
