Станува збор за пат кој што го поврзува градот Ла Паз во Боливија и регионот Јунгас во амазонската прашума, а за да може да се спојат овие места, патот поминува преку планинскиот ланец Кордилера.
Патот започнува во Ла Паз, највисокиот град во светот кој се наоѓа на надморска висина од 3.660 метри, а потоа се искачува на висина од 4.650 метри. Веднаш потоа, стрмно се спушта кон надморска височина од 1.200 метри, па така, овој пад од повеќе од 3.650 метри е и една од најдолгите континуирани удолници во светот.
Патот бил изграден од страна на парагвајските заробеници во 1930 година во текот на војната Чако. Голем дел од патот воопшто не е асфалтиран, а истиот е широк само 3.5 метри. Поради комбинацијата од топлите и влажни ветрови кои доаѓаат од амазонската прашума, патот често станува каллив и речиси непрооден.
Едната страна од патот е цврста карпа, додека другата страна е провалија чија што длабочина достигнува и до 600 метри. За нештата да бидат уште пострашни, речиси никаде на патот не се поставени заштитни огради.
За возачите кои ќе се најдат на патот Јунгас важат посебни правила за возење, па така, додека во остатокот од Боливија се вози на десната страна, на овој пат се вози на левата, пред се затоа што возачот на левата страна има подобар поглед кон работ на патот.
Исто така, возилата кои што се симнуваат никогаш немаат право на предност и мораат да се префрлат на надворешниот раб од патот, се со цел да им го ослободат патот на возилата кои што се искачуваат.
Според некои процени, овој пат секоја година убива по 200 до 300 луѓе, вклучувајќи ги и велосипедистите од целиот свет кои што тука доаѓаат во потрага по адреналин.

















