Ако некој ве праша колку го дели човекот од рајот, одговорете “30 метри”. Не ви е јасно?
Не грижете се, ќе се уверите наскоро… Самоа е мала држава во Тихиот океан, но голема по своите природни богатства и убавини. Ние ве водиме југоисточно од островот Уполу, каде ќе ви покажеме една од најголемите убавини на оваа земја, а можеме слободно да кажеме и една од најголемите убавини во светот.
Во близина на селото Лотогаг, недаслеку од брегот, сместени се две природни езерца, кои се разликуваат од другите по тоа што за да стигнете до нив, потребно е да се симнете низ скали 30 метри во внатрешноста на земјата, а тогаш единствено што ви останува е да се препуштите на уживањето.
Прекрасните две езерца, мештаните ги викаат To Sua. Тиркизно зелената боја на водата го воодушевува секој кој еднаш ќе зачекори во овој мал рај на земјата и ве мами да соберете храброст и да се симнете до платформата, но верувајте дека задоволството ќе биде целосно кога ќе зароните во чистата и топла вода.








