За да не се случи вашето дете да израсне верувајќи дека лагата е начин преку кој може да се заштити или да добие нешто, потребно е да преземете мерки уште додека е мало. Еве неколку совети како да постапите кога ќе забележите дека вашето малечко се обидува на итар начин да ја заобиколи или промени вистината.
- Научете да го препознавате кога лаже. Многу е полесно да препознаете дете што лаже, отколку возрасен, затоа што децата сè уште не можат да го маскираат јазикот на телото. Побарајте ги очигледните знаци како гледање надолу или настрана, премногу висок тон на гласот, вознемиреност, чудна положба на телото или пак промена на деталите кога ви раскажува за даден настан. Но, не го третирајте како осомничен и не го испрашувате нападно.
- Не го прашувајте за она што веќе го знаете. Ако знаете со сигурност дека вашето дете цртало по ѕидовите или намерно не ја напишало домашната работа, нема потреба да го прашувате дали навистина се случило тоа и дали тоа е виновно. Така му оставате простор да лаже. За да се заштити и да избегне казна, првото нешто што ќе го направи – ќе се обиде да излаже. Кажете го отворено она што го знаете и потоа одлучете дали ќе ја казните неговата постапка.
- Не го нарекувајте лажго/а. Внимавајте со употребата на овој збор, всушност не употребувајте го воопшто. Ако не успеете да му покажете на вашето дете дека му верувате, тоа ќе ја изгуби самодовербата и најверојатно ќе развие комплекси. Уште полошо е да го наречете лажго пред негови другарчиња или други луѓе. Со тој збор вие кажувате никој да не му верува, а тоа може да донесе многу негативни последици во развојот на детето. Тоа ќе започне да се сомнева во себе, ќе мисли дека не може реално да ги оценува работите и дека не може да разграничи што е лага, а што вистина или што е фантазија, а што реалност.
- Бидете смирени и не покажувајте лутина ако го фатите во лага. Колку што сте посмирени, толку подобро ќе комуницирате. Доколку со лутина и бес му викате, тогаш го плашите да ја признае вистината и го поттикнувате да лаже повеќе и почесто. Кога сметате дека лагата може да наштети, поразговарајте со него за време на прошетка или насамо во собата.
- Научете го дека лагата носи лоши последици. Кога вашето дете ќе сфати дека лагата е лошо однесување, тогаш ќе знае дека не треба да ја користи. Можете да му ја раскажете приказната со волкот и овчарот (во која овчарот лажеше за доаѓањето на волкот). Така ќе му биде полесно да ги сфати последиците од лагата.
- Наградувајте ја искреноста. Ако детето признае дека направило нешто лошо, треба да направите „казната“ да биде помала, за да сфати дека искреноста е добра особина што ќе му донесе нешто убаво.
- Внимавајте на своето однесување. Децата учат од возрасните, од она што ги опкружува. Доколку вие користите лаги во негово присуство, тоа ќе научи дека лажењето е еден начин за комуницирање со луѓето и тешко ќе можете да го искоренете тоа од неговиот мозок. Иако родителите постојано настојуваат нивните деца да не лажат, истражувањата покажуваат дека тие самите ги лажат децата постојано. Внимавајте како се однесувате и што кажувате, затоа што вашите деца ве набљудуваат и учат од вас. Бидете искрени за бидат и тие.
