After Midnight

Старата љубов ‘рѓа не фаќа

Пред некое време разговарав со најдобриот пријател на мојот екс дечко. Тогаш тој не престана да ми кажува банални реплки од типот: “Старата љубов ‘рѓа не фаќа!” и “Каде некогаш оган горел, пак ќе гори”!. Е да бе! Ми доаѓаше да умрам од смеа.

Воопшто не му поверував. Човек среќава некого, се вљубува, доживува нешто – убаво, драматично, страсно, разочарувачко… После тоа или прераснува во нешто повеќе, или пак не. И тогаш едноставно продолжува напред. Само што, натрупал малку повеќе емоции и искуство.

Еее, јас се смеев, а судбината реши да се посмее со мене. Се смирив со поранешниот дечко.

Тој беше мојата прва љубов. Која заврши многу катастрофално – со многу лаги од негова страна, со целосна каша од емоции и чувства, недокажани работи, сомнежи и сето тоа зачинето со едно неверство. Со други зборови – бев сигурна дека дека никогаш нема да се вратам кај овој човек.

Но поминаа многу години и еден ден се најдовме на Фејсбук. Никогаш не знаеш каде ќе те одведат новите технологии. Станавме виртуелни “пријатели”, но со месеци не разменивме дури ни насмевка. Додека една вечер не гледав еден филм. Италијански, воопшто не беше популарен. Потоа влегувам на Фејсбук и првото што го гледам истиот филм постнат на неговиот ѕид.

Продискутиравме и додека да почувствуваме, веќе бевме во врска… И да, беше поинаку. Затоа што јас веќе бев поинаква и тој беше поинаков. Очигледно овој пат се сретнавме во вистинско време.

Немаше како да не се замислам за љубовта. Дали  сама по себе таа е доволна за да можат двајца луѓе да бидат среќни? Можеби не. Не додека живееме во еден физички свет, каде што секогаш се појавуваат различни околности.

Една пријателка не престана да ми кажува за нејзината голема љубов: “Го сакам толку многу. Врската помеѓу нас е толку силна, ние буквално се чувствуваме и се разбираме без зборови. Но кога нашата врска се соочи со реалноста, едноставно не бидува. Не можеме да се разделиме, не можеме да бидеме заедно…”

Мислам дека навистина треба да го процениш моментот кога двајцата сте навистина дораснати еден за друг. Бидејќи само чувствата не се секогаш доволни. Но убаво е да знаеш дека тие не умираат. Или барем не лесно. И понекогаш љубовта се преродува како феникс од пепелта – УШТЕ ПОУБАВА И УШТЕ ПОГОЛЕМА!

Write A Comment