Сончевата светлина е најважниот животен фактор за секое растение. Таа влијае на создавање на хлорофилот (зеленилото на растението). Доколку нема светлина, доаѓа до етиолирање на растението т.е. до губење на зеленилото. Животниот процес на хранење на растението, односно примање на растворените хранливи материии од земјата и создавање на скроб во листовите е можно само со присуство на светлина. Затоа растението без светлина за неколку дена ја губи зелената боја, пожолтува и угинува.
Топлината е вегетациски фактор, од кој во голема мерка зависи интензитетот на растење и развој на растението и сите физиолошки процеси како што се: ‘ртењето, цветањето, оплодувањето итн. Секоја промена на топлината има силно влијание на растението. Притоа подеднакво се штетни и премногу ниски и премногу високи температури. Поизразено заладување предизвикува пореметување во растот и развојот, а може да доведе и до угинување на растението. Високите температури предизвикуваат пак губење на вода, со што се смалува притисокот во клетките и растението вене.
Водата му е неопходна на секое растение. Таа претставува важен фактор во одгледувањето на цвеќињата во домот. Водата на растенијата им овозможува да ги земаат од земјата неопходните минерални материи во вид на раствори. Растворените минерални соли во водата растението ги вшмукуваат преку коренот, се подигаат преку стеблото до лисјата, каде што се создава органска храна. Водата овозможува движење на соковите и пренесување на органските материи кои се создадаваат во лисјата во сите делови на растението. Исто така водата го снабдува растението и со кислород кој е неопходен за создавање на органските материи и регулирање на топлината. Водата го условува ‘ртењето и никнувањето на семето, а понатаму овозможува раст и развој на растенијата.
Воздухот на растенијата исто така им е неопходен за живот, бидејќи тие дишат како и секое живо суштество, па затоа им е неопходен кислородот од воздухот. Покрај ова, растението преку ситните пори на лисјата зема јаглерод диоксид од воздухот. Влажноста на воздухот исто така е значаен фактор за успешно чување на цвеќињата во станот. Меѓутоа на растенијата во домот не им е секогаш лесно да создадат влажен воздух, особено во зима кога просториите се загреваат.
Растенијата кои се пречуствителни на многу топол и сув воздух, како на пример, амаралиси, циклами, цинерарии, примули и други, треба да се сместат во помалку загреана соба, во која температурата е 8°C до 10°C.
