Се одлучивте да го уредите домот и немате идеја како? Од друга страна, сакате и имате средства ама се плашите дека може да згрешите.
Ова се едни од најбитните совети кои треба да ги знаете и да ги земете во предвид ако сакате парите што ќе ги потрошите да бидат на место вложени!
1. Големината е важна
Поголемите соби бараат поголем мебел, всушност мебелот со поголеми димензии му дава некоја драматичност, но и топлина на широкиот простор. Спротивно од верувањата, ова правило важи и за помалите соби, односно подобро е да имате неколку парчиња мебел со поголеми димензии отколку премногу помали нешта кои само го затрупуваат просторот.
2. Не штедете на осветлувањето
Светлината е можеби најважниот аспект кога станува збор за ентериерот на една соба. Природното осветлување се менува во текот на денот и во зависност од сезоната и временските услови, токму затоа е многу важно како ќе ги поставиме светлата во просторот. Светлата со потенциометар се навистина практични со оглед на тоа што јачината на светлината можете да ја менувате во зависност од потребата.
3. Играјте со нијансите и материјалите
Различните нијанси, дизајни и материјали ѝ даваат шарм на собата, но доколку се комбинираат умерено. Постојат неколку трикови кои ќе ви помогнат да го разиграте просторот, на пример наместо два исти двоседи изберете едниот да биде иста боја со другиот, но со различна текстура. Или доколку се решите мебелот да биде во ист стил, додадете многу украсни перници со различни дизајни.
4. Тестирајте!
Ова особено важи кога избирате нови бои за вашиот дом, иако најчесто излегуваат онака како што се прикажани на пакувањето, сепак, дури по бојадисувањето се случува да сфатиме дека таа боја едноставно не одговара. Токму поради тоа важно е да се одвои време за тестирање на нијансата. Бојадисајте дел од ѕидот и најдобро ќе можете да проверите дали е тоа посакуваната боја.
5. Квалитетот пред сè
Сите сакаме да направиме добра зделка и да поминеме поевтино. Навистина, некогаш можат да се најдат многу добри работи за ниска цена. Но, кога станува збор за мебел којшто сигурно ќе треба да нè служи подолг период или пак за некоја поголема инвестиција во домот, квалитетот мора да биде пресуден. Парите коишто ќе ги заштедиме нема да значат ништо доколку мора повторно да купуваме за краток период.
6. Помалку е повеќе
Сигурно имате многу драги нешта во вашиот дом, украси, сувенири, подароци, но во зависност од расположливиот простор едноставно не може сите да бидат на полиците. Изберете ги омилените или пак оние кои најдобро се согласуваат со стилот на собата и уживајте во просторот кој ќе ви се ослободи. Секако, можете да ги менувате одвреме-навреме и на тој начин да внесувате свежина при секое редекорирање.
7. Оставете простор помеѓу мебелот и ѕидовите
Постои тенденција мебелот автоматски да го залепиме до ѕидот, но според дизајнерите токму тука лежи една од најголемите грешки при декорирањето. Кај помали соби мебелот треба да биде малку оддалечен од ѕидот, а кај поголемите повеќе. Целта е да се приближи мебелот за да се создаде чувство на топлина и интимност, а сепак да има доволно место за слободно движење.
