Сте пробале мисиркино месо?  Ако не, ова е вистинскиот рецепт на кој треба да му дадете шанса. Американците секоја година подготвуваат печена мисирка за Денот на благодарноста.  Вкусно парче мисиркино месо, со малку масти и калории.

Потребно е:

  • 2 парчиња мисиркин стек или поткопан
  • 3-4 чешниња лук
  • 3-4 мали кромидчиња
  • 4 компири
  • 400 мл пилешка супа од коцка
  • зачини: жалфија, рузмарин, магдонос, ловоров лист
  • сол и бибер

Подготовка: Рерната загрејте ја на 220 целсиусови степени. Извадете ги парчињата месо од фрижидер и оставете ги на собна температура 30 минути.  Сите зачини ситно исечкајте ги. Парчињата месо малку намачкајте ги со масло, зачинете ги со сол и бибер и втријте ги зачините, убаво и од сите страни.

Земете тавче за печење и ставете ги парчињата со кожата надолу. Ставете ги да се печат во загреаната рерна 30 минути. По 30 минути, свртете го месото од другата страна, ставете ги зеленчуците, претходно исчистени и излупени, попрскајте ги со маслиново масло, сол и бибер, измешајте ги, прелијте со супата и печете дополнителни 30 до 40 минути, додека да бидат меки компирите и течноста испари. Кога ќе биде готово јадењето, оставете го месото да отстои 10 минути пред да го сервирате. За тоа време, направете го сосот од течноста во тавчето. Извадете ги месото и зеленчуците и прецедете ја течноста во тенџерче. Ставете го тенџерчето на рингла и ставете 1 лажица брашно. Мешајте со жица за матење додека да се свари брашното и сосот добие посакувана густина. Зачинете со сол и бибер, по вкус, ако е потребно. Сервирајте го јадењето со сосот.

 

Напиши коментар