Мојата кујна

Здрави освежителни пијалоци од овошје

Пробајте некои од овие ладни пијалоци на база на овошје, кои се идеално освежување за топлите летни денови. Здрави се и не дебелеат.

Плава лагуна

Состојки за 2 чаши: 2 шолји замрзнати или свежи боровинки, банана, 2 шолји сојно млеко со вкус на ванила, половина шолја грчки јогурт, половина лажичка исецкана кора од портокал, неколку капини, 2 лажици раситнети муски и 2 коцки мраз.

Подготовка: Исечете ја бананата на парчиња и ставете ја во блендер. Додадете ги боровинките, кората од портокал, грчкиот јогурт, капините, коцките мраз, ставете млеко и матете неколку секунди, односно додека смесата не стане кремаста и мазна. Ставете во чаши, посипете од раситнетите мусли, украсете со неколку боровинки и сервирајте.

Брусница, бибер и банана

Состојки за 4 чаши: 2 банани, 125 гр брусница, 150 гр црно чоколадо, 150 гр нискомасен јогурт, 100 мл ладно млеко, лажичка раситнет црвен бибер и листови ментол или маточина за украсување.

Подготовка: Искршете го црното чоколадо на парчиња и стопете го на пареа. Тргнете го од рингла, а потоа додадете го нискомасниот јогурт. Излупете ги бананите, исечете ги на парчиња и измиксирајте ги заедно со млекоо и биберот. Додадете го оладеното темно чоколадо со јогуртот и добро промешајте. Исечкајте ситно околу 100 гр брусница и измешајте со чоколадото. Пијалокот ставете го во чаши, посипете со преостанатата брусница и украсете со листовите маточина или ментол.

Розев сон

Состојки за 4 чаши: 500 гр малини, 500 мл сојно млеко, 200 мл сојна слатка павлака, 2 лажици ванилин шеќер и црно чоколадо за украсување.

Подготовка: Измијте ги малините и оставете неколку парчиња за украсување, а остатокот ставете го во блендер. Додадете го сојното млеко и една лажичка ванилин шеќер и со миксер матете додека не стане како пире. Доколку смесата е премногу густа, може да додадете уште малку млеко. Слатката павлака матете ја со една кажичка ванилин шеќер. Ставете го фрапето во чаши, ставете лажица шлаг, украсете со изрендано црно чоколадо и малини и веднаш сервирајте.

Write A Comment