Природните шампони се здрави, безбедни и добри за вашиот буџет. Органската козметика честопати знае да биде поскапа од онаа што можете ја да купите во супермаркет, но доколку успеете да си направите сами свој шампон, вашата коса ќе биде поздрава, вашиот буџет нема да страда, а воедно и природата ќе ви биде благодарна. Избегнете ги хемикалиите и направете нешто добро за себе. Можеби ќе ви недостига пената која ја прават обичните шампони, но сетете се дека таа е резултат на хемикалиите и детергентите. Пробајте ги рецептите кои ние ги одбравме за вас.
Шампон со прашок за печиво против првут
Еден од наједноставните рецепти, одличен против првут и масен череп е шампонот со прашок за печиво, кој треба да се обидете да го направите. Сѐ што треба да направите е да измешате една лажичка со прашок за печиво и една шолја вода. Користете го како најобичен шампон, со тоа што убаво ќе го измасирате темето и темелно ќе ја истриете косата.
Лимон и краставица против сув череп
Добрите страни на лимонот и краставицата заедно можат да ви помогнат да бидете „природни“, или барем вашиот сув череп да одмори малку од обичните шампони. Многу едноставно е. Излупете ги лимонот и краставицата и ставете ги во блендер така што ќе добиете еднолична смеса. Нанесете ја смесата на косата и тријте полека! А потоа убаво исплакнете, бидејќи парченцата лимон знаат да се лепат за влакната.
Шампон со кокос за сува коса
Дали денес се чувствувате креативно? Тогаш ова е вистински ден за да го пробате овој рецепт за сува коса, кој е толку добар што ќе можете да го прескокнете регенераторот. Потребни ви се:
1/4 шолја кокосово млеко
1/3 шолја органски шампон
1 лажица бадемово масло
10 капки есенцијално масло по желба
Измешајте ги состојките заедно, по кој било редослед!
Шампон со јаболков оцет
Додавањето јаболков оцет во равенката е одличен начин да се ослободите од чувството дека косата не ви е целосно измиена во првите неколку недели од употребата на природни шампони. Иако темелното измивање е најдобар начин за косата да ви биде чиста, можете да отидете еден чекор подалеку и во смесата да додадете јаболков оцет. Потребни состојки:
1 јајце
2 лажици лимонов сок
1 лажица јаболков оцет
30 мл маслиново масло
Ставете ги состојките во блендер и направете еднаква смеса. Нанесете ја на черепот, масирајте и исплакнете со млака вода.
Шампон со авокадо за масна коса
Доколку ви се допадна идејата со прашокот за печиво и се надевавте дека ќе добиете уште некој совет кој ќе ви помогне да го неутрализирате масното теме овој рецепт е одличен за вас. Потребни ви се:
1 авокадо
2 лажици прашок за печиво
1/4 шолја дестилирана вода (млака)
Излупете го и исчистете го убаво авокадото, а потоа ставете ги состојките во блендер за да добиете еднаква смеса. Се надеваме дека ќе уживате во овој фантастичен природен рецепт.
