Денес татковците без проблем се вклучуваат во негата и грижата околу бебето. Тие го сакаат тоа и го прават успешно, а тоа е добро и за нив и за нивното бебе. Преку оваа грижа татковците се во тек со развојот на своето бебе, а тука неизбежно се раѓаат емоции, приврзаност и љубов.
Иако татковците сѐ помалку се воздржуваат во покажувањето емоции и грижа кон своите бебиња, понекогаш им треба и малку помош. Погледнете кои се активностите во кои татковците можат да се вклучат и подобро да се запознаат и да се зближат со своето бебе.
Хранење: Доколку мајката дои, тогаш таткото може да го држи бебето по доењето за тоа да ждригне. Доколку бебето јаде со шишенце, тогаш таткото може и да го храни.
Бањање: Сѐ што е поврзано со бањањето може да го прави таткото, исто како и мајката, и притоа да ужива во тоа.
Пресоблекување: Пресоблекувањето е една од оние можности со кои таткото може да оствари контакт со бебето. Затоа треба да ја искористи можноста и притоа да му зборува, да му пее, да се смее со него…
Заспивање: Ова е еден од најубавите моменти кои таткото може да ги сподели со своето бебе.
Играње: Кога бебето ќе наполни неколку месеци веќе може да си игра и да се забавува. Бебето ќе ужива и ќе се смее, а заедно ќе постават темели за долгогодишен здрав однос.
