Детскиот инструктор, писател и директор на американскиот Национален центар за физички развој и игри, Бет Алмерас, им дава совети на родителите за среќно детство на нивните деца. Иако Македонија не е САД, сепак, најважното за едно дете е тоа да биде воспитано и да порасне како добар човек кој ќе го разбира и цени животот. Од најголемо значење за тоа се семејната хармонија и доброто образование.
Спокојни родители
Осознавајќи ги опасностите кои ги крие новиот свет, родителите понекогаш се обидуват да ги заштитат децата и ги затворат „на сигурно место“ – дома. А тоа не е најпаметниот начин. Всушност, подобро е, кога децата се дома, родителите да го намалат влијанието од телевизијата, радиото, весниците и слично. Така нема да се „трујат“ со секојдневните теми и ќе гледат со поголем оптимизам на животот.
Добро образование
Во последните години се забележува тенденција кај учениците кои го учат само материјалот кој им е потребен за да поминат на тестот и да добијат висока оценка, а не за да научат. На прво место, учениците треба да добијат чувство дека материјата е интересна и полезна, а не нешто кое треба да го завршат за да продолжат понатаму.
Игри
Возрасните често забораваат дека и тие биле деца. А за децата најзабавни се игрите. Затоа е важно да не се претерува со ограничувањата, а и учењето да не биде прифатено како здодевна обврска.
Родителска контрола над телевизијата и компјутерот
Тешко е да го оттргнеш детето од телевизијата и компјутерот, но игрите на свеж воздух се особено важни. Затоа настојувајте да ги оддалечите од каучот, бидејќи децата со прекумерна тежина страдаат од ниска самодоверба и не растат среќни.
Читање
Обидете се кај вашето дете да развиете интерес кон читањето. Тоа ја подобрува способноста за комуникативност кај децата, го збогатува речникот и подобро се изразуваат.
Самодоверба
Децата треба да знаат дека се сакани, точно такви какви што се. Истакнувајќи ги нивните индивидуалности, ќе помогнете во изградувањето на нивната самодоверба. А знаејќи дека се ценети, тие ќе чувствуваат внатрешна радост која станува основа за целиот нивни живот.
Позитивност
Важно е децата да се воспитуваат како оптимисти. Тие треба да знаат дека во животот ќе се сретнат и со тешкотии и порази. Но, учејќи ги да бидат позитивни и во такви моменти, тие полесно ќе се справат со тешкотиите.
Сопствен пат
Децата треба слободно да го откриваат светот и да го најдат своето место и патот во него.
