Според едно австралиско истражување, родителите со најмалку четири деца имаат најисполнет живот и покрај хаосот и високите трошоци.
„Кај големите семејства се појавува феномен на општествена поддршка во рамките на самото семејство. На децата никогаш не им е досадно, имаат со кој да си играат и се осамостојуваат на прилично рана возраст“, изјавил водачот на истражувањето.
За потребите на студијата биле интервјуирани 950 родители во период од пет години за да се процени нивното ниво на среќа, а потоа им биле поставувани прашања за самодоверба, поддршка и издржливост. Иако родителите на големи семејства имале проблеми (нормално), поголемиот дел од нив биле најзадоволни.
Истражувачите претпоставувале дека родителите ќе бидат под многу стрес, но повеќето планирале големо семејство и тоа го сметале за радосно искуство, куќата им била полна со смеа и имале многу причини за славење.
Втори по индексот на среќа биле ЛГБТ родителите кои исто така си го планирале семејството и се потрудиле да добијат деца преку сурогат, вештачко оплодување или посвојување.
Најнесреќни биле сингл татковците кои најчесто се маргинализираат како понеспособни родители и се борат да ја одржат својата улога во животот на детето.
