Во било кое време во текот на денот или ноќта, читањето на приказни е најдобриот начин да го смирите исплашеното или вознемиреното дете. За време на читањето, ставете го детето во вашата прегратка или седнете покрај него, бидејќи моментите на близина и нежност се драгоцени за вас и вашето дете.
Додека читате книга, поставете ја така што детето ќе може да ја види сликата. Понекогаш сликите кај децата предизвикуваат разни асоцијации на дневните активности или можни ситуации, па искористете ја сликата за креативно размислување и замислување на можните исходи од она што е насликано. На пример, ако детето види слика на куче, може да ви раскаже дека се исплашило од некое куче, или дека би сакал да има милениче и сл. Искористете ја книгата, за да дознаете што се крие во главата на вашето малечко. На ваков начин често „испливуваат“ детските стравови и сомнежи, бидејќи понекогаш детето не е во состојба гласно да го вербализира она од кое што се плаши или она што го загрижува. Помогнете му со прашања, бидејќи малечките неискажани и неоткриени стравови можат многу да го измачуваат вашето дете.
Доколку сте во можност, држете ги детските книги во детската соба, на полица доволно висока за детето да може да ги земе кога ќе посака. И двегодишното дете знае кои книги се негови и кои му се омилени. Пожелно е кориците и страниците да бидат цврсти и пластифицирани, за детето да не може да ги гризе или да ги кине.
Тригодишните деца сакаат приказни за животни и тоа оние животни кои му се блиски – кучиња, мачиња, пиленца итн. Приказните за таа возраст мора да бидат кратки и богато илустрирани, со силни бои.
Во четвртата година, децата се многу потрпеливи. Добри слушачи се, сакаат духовити подвизи во приказните, ги поврзуваат причината и последицата. Приказните сѐ уште не смеат да бидат предолги. Важно е сликите да бидат јасни.
Во петтата година децата се подготвени да слушаат и подолги приказни. Тогаш веќе можете да експериментирате со ликовите, бидејќи децата на таа возраст сакаат да слушаат за случки од секојдневниот живот, да им давате поинакви имиња, да ги опишувате ликовите, па дури и да одглумите поединечни ликови од приказната.
Во шестата година децата се веќе многу заинтересирани за мини енциклопедии соодветни на возраста, со прашања и одговори кои се однесуваат на човечкото тело, спортовите, природните појави, еколошките прашања итн. Ваквите енциклопедиски книги се добра подготовка пред поаѓање во училиште, бидејќи вашето дете ќе зачекори во нов свет полн со многу знаења со самодоверба.
