Кога некој ќе ја спомене Франција, прва асоцијација е веројатно Париз со големиот број атракции кои никогаш нема да ве разочараат и во кои секој пат ќе пронајдете нешто ново и интересно. Меѓутоа, денес ве водиме 350 километри западно. Тука се наоѓа островче под заштита на УНЕСКО, Mont Saint Michel сместен на природната граница помеѓу провинцијата Бретања и Нормандија.
Mont Saint Michel е одличен пример на вековната адаптација на архитектурата кон природната формација на гранитни карпи постари од 20 милиони години. Островот е поделен на две нивоа: првото ниво е високо 80 метри и се состои од самата карпа. На второто ниво се наоѓа малечко село со само 47 жители, замок, црква и манастир.
Mont Saint Michel се наоѓа во заливот на реката Couesnon. Ова е местото каде може да се видат најголемите плими и осеки. Разликата во плимата и осеката може да достигне до 15 метри. Според зборовите на Виктор Иго, водата надоаѓа и се повлекува со брзина на галопирачки коњ. При осека, водата “бега” речиси 15 километри, што ви дава можност за прошетка по бескрајната песочна површина. Водата надоаѓа само педесет дена во годината, при што Mont Saint Michel се претвора во остров целосно опкружен со вода.









