Чувството на срам е важно социјално чувство. Од една страна, тоа ги мачи оние што претерано се срамат, а од друга страна, општеството го мачат оние што не се срамат ни тогаш кога повеќето други сметаат дека би требало да се срамат. Бидејќи на оние што се срамат им поцрвенуваат образите, оние што немаат срам ги нарекуваме безобразни.
Срамот е поврзан со желбата да се биде прифатен од другите и со идејата дека мора да се исполнат одредени услови за да се случи тоа. Личноста се засрамува кога мисли дека другите за неа мислат дека не е доволно вредна да биде прифатена.
Условите што личноста мора да ги исполни за да биде прифатена, може да бидат пропишани од семејните и културните вредности, поради што срамот се вбројува во моралните чувства. Но, овие чувства можат да бидат и многу посебни и единствени за одредена личност. Многумина млади се срамат, бидејќи веруваат дека не се доволно убави и претвораат некоја своја мала несовршеност во катастрофа. Понекогаш тоа е тешко да се открие, бидејќи, за да не чувствува срам, личноста избегнува разговор за причините поради кои се срами. Поради тоа срамот останува во доменот на приватното, поради што личноста што се срами не проверува што другите навистина мислат, туку им припишува дека го мислат она што таа самата си го мисли за себе.
Од аспект на човековиот раст и развој, срамот е детско чувство, па затоа е најмногу присутен кај младите. Личноста што се срами, верува дека не заслужува да биде прифатена, бидејќи не исполнила некој важен услов – дека не вреди доволно како човечко суштество. Состојбата на срам ја поттикнуваат родителите со изјавите од типот: „Што направи, срам да ти е!“ Но, кога човекот во текот на подоцнежниот раст и развој на својата личност ќе може да се разликува себе си како личност од она што се нејзините постапки, ќе стане способна да сфати дека и добрите личности може да направат некои лоши работи. Тогаш детското чувство на срам почнува да се менува во возрасното чувство за вина. Тогаш, наместо поединецот да мисли дека е лош како личност и да се срами од тоа, почнува да мисли дека направил нешто погрешно и поради тоа се чувствува виновно. Затоа што себеси се прифатиле како вредни човечки суштества, луѓето што го оствариле највисокиот степен на емоционална зрелост, ја губат способноста за срам, останувајќи способни да ја чувствуваат вината како морално, но и посовршено чувство.
Кај оние возрасни што често и непотребно се срамат, можеме да видиме колку срамот може да им го намали квалитетот на животот. За да не се засрамат, овие луѓе избегнуваат бројни нови и непознати социјални ситуации во кои треба самостојно да се впуштат, без друштвото на оние што им се добро познати и кои знаат дека ги прифаќаат. Така се појавува парадоксот на срамежливите: срамот прави најмногу штета во нивните животи кога, всушност, не го чувствуваат.