Motherhood

Голи пред децата – да или не?

Веројатно многу пати сте се прашале дали е во ред да одите голи пред децата или не. И знајте дека не сте единствени во оваа дилема. Многу родители на деца на возраст од две до три години се во недоумица во врска со голотијата на родителот, особено од спротивниот пол.

Некои деца се сосема несвесни за родителската голотија, но на одредена возраст стануваат љубопитни за туѓите интимни делови. Оттука произлегуваат и прашањата:„ Што има тато?“, „Зошто мама има влакна?“, „Колкави цициња имаш!“. Децата можат и да посегнат по предметот на нивното интересирање. На детската љубопитност треба да реагирате смирено и да одговорите на нивните прашања точно, прецизно и пред се едноставно за да можат да ве разберат и да ги прифатат половите разлики и дека и самите припаѓаат на одреден пол.

Се смета дека околу третата година децата можат да останат збунети и засрамени од голотијата на родителот од спротивниот пол. Затоа, тогаш би требало да внимавате и да ја задржите својата интима за себе и да не го изложувате своето голо тело пред децата.

Голотијата на родителот од ист пол, пак, може да поттикне позитивен однос на детето кон сопствената сексуалност. Мајката на која не и е непријатно да се соблекува пред ќерката може да продолжи да го прави тоа без ограничување на возраста, исто како и таткото пред синот. Но, некои деца може да покажат загриженост поради големината на нивниот полов орган во споредба со татковиот. Таквото детско стравување може да се надмине со објаснување дека сите делови од телото на детето се мали и дека растат заедно со него.

Како и да решите да се однесувате пред вашите деца, треба да знаете дека е важно како вие се чувствувате во вашето тело и како вие ја доживувате сопствената голотија и дали носите некакви непријатни искуства од вашето домашно воспитание. Научете ги сопствените деца дека треба да го почитуваат своето тело, дека нивното тело е убаво и здраво и дека не треба да се срамат од него, без разлика дали е голо или облечено.

Write A Comment