Убавина

Како да ја офарбате косата на природен начин – без штетни хемикалии

Голем број припаднички на понежниот пол постојано ја фарбаат косата. Но многу од нас не се сигурни каква боја да ја офарбаат косата и каква боја најдобрo ќе им стои, па често експериментираат.

Ова не е толку лошо за изгледот колку што е лошо за здравјето на косата.

Постојаното менување на бојата на косата подразбира поагресивни третмани кои ја оштетуваат и сушат косата. За да можете без страв да ја менувате бојата на косата, предлагаме да се свртите кон природните начини за фарбање.

Еве како да добиете плава, кафеава или црвена нијанса користејќи ги плодовите од природата.

Зелена кора од орев – костенлива коса

Ставете заштитни ракавици и излупете 15-20 ореви. Зелената кора исецкајте ја на што помали парчиња и сомелете ја. Додадете топла вода. Потребно е мешавината да стане кашеста. Добиената каша употребете ја за фарбање на косата, нанесувајќи ја рамномерно со помош на четка за фарбање. Оставете да делува на косата 15-20 минути и обилно исплакнете ја. На крајот исплакнете ја со алкохолен оцет кој ќе помогне да се фиксира бојата.

Лушпи од кромид и кора од даб – светлокафеава коса

Потребно е да измешате половина шолја лушпи од кромид и средно иситнета кора од даб. Мешавината прелијте ја со 1 литар зовриена вода и потоа варете уште еден час на среден оган. Почекајте еден час да  се излади смесата.

Натопете ја косата со мешавината и оставете да делува еден час. По делувањето добро исплакнете ја косата со топла вода и исушете ја. Испирањето со алкохолен оцет во последното плакнење ќе ви обезбеди потрајна боја.

Камилица – златно-плава боја

Потребно е само да земете 100 грама суви цветови од камилица и да ги сварите во половина литар вода. По варењето оставете ги цветовите да отстојат во водата уште половина час, а потоа процедете и натопете ја косата со добиената течност. Оставете да делува еден час. Потоа исплакнете ја и исушете ја косата.  Во последното испирање употребете алкохолен оцет.

Цвекло – црвена боја

Земете цвекло со средна големина, исецкајте го на поситни парчиња и сварете го. Кога ќе се свари, почекајте да се излади, а потоа испасирајте неколку парчиња од цвеклото во водата во која се вареше. Добиената мешавина употребете ја за фарбање на косата и оставете да делува 15-20 минути. Исплакнете ја косата со алкохолен оцет и исушете ја.

Доколку имате посветла коса ќе добиете целосен ефект и косата ќе ви биде црвена уште при првото фарбање на овој начин. Од друга страна, доколку имате потемна коса ќе треба да го повторите овој третман неколку пати.

Фарбањето на косата на овој начин е сосема безбедно и здраво за косата, па можете да го повторувате третманот колку пати сакате.

Напиши коментар