Сексуалноста е многу важна човечка функционална особина (потреба), но за жал кај нас се уште е прекриена со табу. Самата основа на сексуалното образование почнува во домот, но поради низа на причини голем број од родителите одбираат да не разговараат на оваа тема, или одбираат начин кој несоодветно го одговара прашањето на сексуалноста.
Постојат различни начини на кои се комунира оваа тема, па така некои родители се прашат да не задоцнат со објаснувањето и затоа уште во предучилишна возраст се обидуваат да го објаснат сексуалниот чин користејќи кукли. Други кажуваат „приказни“ за тоа како бакнежот е знак на сексуален чин, некои деца сметаат дека мама и тато се сакаат па мама раѓа бебе (што е вистина, но е нецелосна). Некои кога децата ќе спомнат секс се уште реагираат со чудење или со коментари дека за тоа не се зборува или дека децата не треба да зборуваат за нешто што не знаат. Некои пак сакаат да ја контролираат сексуалноста на своите деца, други сакаат да им бидат пријатели и да знаат се за сексуалноста на своите деца.
Децата зборуваат на таа тема или си играат игри кои ја вклучуваат бидејќи најверојатно дознале некои информации од своите врсници, било во училиште или во градинка. Голем удел во нивната љубопитност имаат и експлицитните сцени кои децата често можат да ги видат на телевизиските програми кои се гледаат во домот, а за кои родителите се прават дека ништо не се случува или се трудат да ја покријат сопствената непријатност.
Водете грижа вашите први реакции на интересот на детето на таа тема, бидејќи тоа во голема мера може да влијае на нивниот став кон сексуалноста подоцна во животот.
Кога треба да се разговара
Не постои точно или погрешно време што станува збор за ова прашање, бидејќи децата меѓусебно се разликуваат по психичката зрелост и спремност соодветно да ја разберат и сфатат сексуалноста. Затоа важно е да следите до кој степен на спознавање стигнало вашето дете. Воедно важен и емоционалниот капацитет на детето за прифаќање на информации поврзани со сексуалноста.
Доколку постои голема пријатност кога се зборува за интимните делови тогаш можеби нема потреба да се форсира разговорот за сексуалноста и на тој начин да се поврзува со нелагодност. Психолозите веруваат дека психолошката подготвеност за сексуалноста се развива паралелно со биолошката, затоа родителите треба да го следат тој развој и согласно со него да разговараат на оваа тема. Сексуалниот и биолошки развој е процес, така што и разговорите треба да бидат дел од тој процес.
Како треба да се разговара
Како што веќе беше споменато со сооднос со биолошката и психолошка подготвеност на детето се препорачува да се обидете да ги предвидите предвреме можните разговори и однапред да се подготвите за ситуацијата, за да бидете што по подготвени кога ќе дојде до неа. Се препорачува овие разговори да ги водат и двата родители (ако е возможно), за децата да можат да сфатат дека сексуалноста е нормална човечка потреба без разлика на полот и половите разлики. Нагласете дека сексуалноста е човечка потреба условена од физичката, психолошката и емоционалноста зрелост, како и дека е битно секоја личност да ги почувствува трите вида на зрелост пред да почне со истражување на сопствената сексуалност. Предупредете ги дека светот во кој живееме преку различните медиуми испраќа различни слики или пораки за сексуалноста, кои не значи дека се точни. Важно е тие самите да ја откријат својата, за нив единствена точка слика за сексуалноста. Поттикнете ги да се однесуваат одговорно кон својата и туѓата сексуалност. Почитувајте ја сексуалноста и потребите на вашите деца.
