Врз состојбата на кожата влијаат бројни фактори – исхрана, начинот на негување, козметичките производи, здравствената состојба на организмот, но пред сè хормоните, односно менструалниот циклус низ кој минува жената секој месец.
Сигурно сте забележале дека за време на меснтруацијата на вашето лице се појавуваат акни, но не мислете дека тоа е крајот на вашите маки. И периодот непосредно пред и по менструацијата има свое влијание врз состојбата на кожата на лицето, а денес ви откриваме какво е тоа влијание.

По менструацијата и за време на овулација – За време на првата половина на циклусот естрогенот е многу висок. Кожата во овој период е во најдобра состојба бидејќи високото ниво на естроген влијае на нејзиниот „чист“ изглед. Искористете го овој период и понудете и ја на кожата вообичаената нега.
Од овулацијата до неколку дена пред менструацијата – За лошата состојба на кожата во овој период е виновен прогестеронот. За време на втората половина од месецот зголемено е нивото на прогестерон – хормон кој влијае задебелување на ѕидовите на матката како подготовка за потенцијално оплодување на јајце-клетката. Прогестеронот влијае на зголеменото лачење на себум, па кожата на лицето и скалпот се масти. Ова создава поволни услови за развој на бактерии и создавање инфекции кои водат до создавање на акни.
За време на овој период, важно е редовно да ја третирате и чистите кожата со соодветни производи. Потрудете се што помалку да ја пипате кожата со прстите за да спречите воспаленија. Салицилната киселина е одличен борец против проблемите кои се создаваат во овој период.
Непосредно пред менструацијата – Во овој период драстично опаѓа нивото на естроген и прогестерон, а се зголемува лачењето на тестостерон кој дополнително влијае на лачењето на себум и всушност е одговорен како хормон кој најмногу влијае на создавањето инфекции на површината на кожата. Затоа во овој период се забележува зголемена појава на акни и други непреавилности на лицето.
Во овој период треба да водите сметка за чистењето на кожата. Користете благи тоници за чистење лице, а акните третирајте ги со салицилна или гликолна киселина. Исто така, кремите богати со ретинол можат многу да ви помогнат во санирање на проблемите.
Доколку имате навистина сериозен проблем со акните кои се сериозно воспалени и болни обратете се на дерматолог.
