Убавина

Каква депилација да изберете ова лето?

Има повеќе методи на депилација, но мора да знаете дека не секој метод  дава успешни и посакувани резултати.  Она што е од голема важност е да ја одберете онаа депилација која најмногу ви одговара.

Токму затоа ги издвоивме предностите и мааните на 5те најпопуларни методи на депилација:

1. Бикчиња и крема за депилација

Најбрзиот метод  за отстранување на влакненцата се токму бикчињата и пената за бричење, а потоа и кремата за депилација. Бикчињата се одлични кога треба итно да излезете некаде и дефинитивно се практични. Во двата случаи влакненцата се отстрануваат брзо, но само површински.

Мааната кај овие два методи е во тоа што процесот на бричење е доста агресивен врз вашата кожа и може да ви нанесе непосакувано црвенило. Депилациските креми до некаде го забавуваат растот на влакненцата, но нивната најголема маана е преголемото количество на хемиски елементи и треба да ги избегнуваат оние со чувствителна кожа.

2. Восок

Депилацијата со восок е добра бидејќи ви овозможува мазна кожа еден подолг временски период. Најдобро е да се депилирате во текот на менструалниот циклус, а деновите пред менструацијата важат како најболни при депилирање со овој метод.

Оваа восочна депилација го уништува површинскиот слој на кожата, па доколку имате проблем со капиларите најдобро би било да ја избегнувате оваа депилација или да користите ладен восок. Најдобро би било да не ја изложувате директно на сонце кожата пред да одите на депилација и да нанесувате хранлива витаминска крема за тело.

3. Ленти за депилација

Доколку не сакате да одите во козметички салон, тогаш сигурно ги употребувате лентите за депилација кои се совршени за домашна употреба. Бидејќи овој метод ги отстранува влакненцата директно од нивниот корен, исто како кај восокот, се забавува нивниот раст.

Мааната на овој метод е што не секогаш можете рамномерно да ги отстраните влакната, па може да добиете неуреден изглед.

4. Машинка за депилирање

Електричната машинка за депилирање е одличен метод за отстранување на несаканите влакна. Овој метод со гаранција ги отстранува влакната од нивниот корен што значи го забавува растот и ги проретчува влакната.

Најголемата маана која ја има оваа метода е агресивноста на низата жилети кои се ротираат и удираат по вашата кожа, па може да дојде до несакани последици како иритација на кожата и појава на црвенила. Денот пред да ја користите оваа метода задолжително практикувајте пилинг на кожата и депилирајте ги влакненцата во спротивен правец од растот.

5. Египетска депилација

Отстранување на влакненца со шеќерна смеса е најстариот метод на депилација. За разлика од восокот, тука станува збор за смеса која се подготвува по природен пат и како таква е идеална за чувствителна кожа. Појавата на црвенила и иритации се ретки кај овој метод на депилација и истиот делува антибактериски.

Мааната кај оваа метода е што овој процес е со поголемо времетраење за разлика на пример од восокот. Доколку не сте ја пробале до сега се препорачува да не ја пробувате сами во вашиот дом, туку побарајте упатства и помош од некој кој досега ја има употребувано.

Пред да ја изложите кожата на депилација важно е добро да ја подготвите преку најразлични пилинзи и креми кои ќе и дадат мекост на кожата. Така ќе ги спречите несаканите појави на црвенила и иритации на кожата и ќе ги постигнете посакуваните резултати.

Напиши коментар