Motherhood

Кога е најдобро време за второ дете?

После единаесет месеци, две години, пет години… Кога всушност е вистинско време за друго бебе? Дали да се чека додека првото дете појде на училиште или подобра е помалата разлика? Дали постои идеална разлика помеѓу децата?

Две одеднаш

Две бебиња кои отприлика во исто време сакаат да јадат, да пијат или им треба промена на пелените. Ќе си помислите дека тоа е многу тешко. И ние се сложуваме со тоа. Но, утешното е тоа што веројатно немате родителско искуство, па нема да имате со што да го споредите искуството на две деца одеднаш. На почетокот ќе биде напорно, но тоа ќе го прифатите.

Многубројни психолози велат дека за детето, без оглед на неговата возраст, секогаш е стресно кога во куќата ќе дојде малиот брат или сестра. Може да биде тешко дете од една година да се подготви за доаѓањето на друго бебе, затоа што не може да сфати што значи да се има брат или сестра. Од друга страна, постојат едногодишници кои тоа го прифаќаат како да не се ни случило. Обично заклучокот, но и праксата така покажува, дека растојанието од една година, или помалку, помеѓу првото и второто дете е помалку стресно за постарото дете и обично детето тоа лесно го прифаќа затоа што не разбира што се случува. После раѓањето на детето честопати во врската доаѓа до притисок кој станува уште поголем ако одеднаш дошле две бебиња. Родителите се поуморени бидејќи сè прават двојно. Затоа се склони да се штедат максимално, се трудат семејството да функционира, додека врската обично несвесно ја запоставуваат. Можни се и поголеми кризи.

ПРЕДНОСТИ

  • полесна организација на родителските активности
  • заедничко одвикнување од пелените
  • заедничка игра на браќата и сестрите
  • децата уште од самиот почеток меѓусебно се прифаќаат како дел од семејството

МАНИ

  • помалку време за двете деца поединечно
  • замор и недостаток од сон кај родителите
  • смирување на две бебиња кои плачат
  • хранење на две деца одеднаш
  • недостаток на време за партнерот

Совет

За родителите две деца одеднаш може да биде голем стрес. Помирете се и прифатете дека ќе ви биде потребно многу време пред сè да си дојде на своето место. Не е потребно веќе после првата или втората недела после породувањето сè да држите под контрола. Само полека!

Три години разлика

Психолозите тврдат дека при ваквата разлика помеѓу децата, уште за време на бременоста вашето постаро дете веќе сфаќа што се случува и дека ќе добие брат или сестра. Можете да го вклучите во некои активности што се поврзани со новото бебе во куќата и ќе забележите дека тоа е навистина заинтересирано. Ако се почувствува вклучено во целата ситуација, полесно ќе го прифати бебето. Можеби не веднаш, но веќе после година и пол ќе можат заедно да си играат. Во одредени ситуации одредени нешта ќе се поклопуваат. Децата ќе бидат заедно во јаслите, во градинката, во училитето – и така ќе биде неколку години. Веројатно ќе делат и слични интереси. Оваа разлика помеѓу нив ќе обезбеди помалку стресни и напорни моменти. Сепак, тригодишникот е премал за да може да ви го причува бебето, макар и накратко. Тој не сфаќа дека бебето е беспомошно кога сосила сака да му ја одземе играчката. Тригодишникот можеби нема да биде докрај начисто кое е тоа ново бебе и што всушност значи да се има брат или сестра, па можеби некогаш ќе ви прeдложи да го вратите таму од каде што сте го зеле.

ПРЕДНОСТИ

  • повеќе време за новото бебе
  • постарото дете често ќе се однесува заштитнички кон бебето
  • постарото дете може да помогне на мајка си во некои едноставни обврски околу бебето
  • на постарото дете може да му се објасни дека треба да биде тивко затоа што бебето спие
  • со време ќе можат заедно да си играат

МАНИ

  • детето сè уште не сфаќа зошто мама мора многу време да посветува на бебето
  • постарото дете може да дојде во фаза да посака да носи пелени или да има цуцла како малото бебе
  • љубомора од двете страни
  • околу втората или третата година следува фазата на тантрум (беснеење) која може да биде уморувачка за малото бебе

Совет

Бидете свесни дека на постарото дете ќе морате да му посветите посебно внимание. Прошетајте со него до паркот додека сопругот го чува бебето. Љубомората на децата не сфаќајте ја лично, ниту пак некое од децата да го осудувате. Измислете активности кои на постарото дете јасно ќе му укажат дека и тоа е посебно. Но измислете и заеднички активности и игри кои ќе ги зближуваат обете деца.

Пет и повеќе години разлика

Најголемата предност кај оваа разлика е во тоа што постарото веќе може самостојно да се забавува кога ќе се роди другото дете. Тоа веќе оди во градинка или на училиште, односно, тоа веќе си има свој сопствен живот. Покрај тоа, некои работи можете одлично да му ги објасните, како на пример, дека на бебето сега му е потребно многу поголемо родителско внимание, бидејќи е сосема мало и немоќно.

Поголемите деца ги обожуваат своите мали браќа. Девојчињата своите помали сестри или браќа често ги доживуваат како своја кукла. Сакаат да и помагаат, да и менуваат пелени, и тоа може да биде многу згодно. Веројатноста да станат љубоморни едно на друго во првата година е мала, но љубомората може да се појави подоцна.

Сосема сте се навикнале на слободата со постарото дете, а веќе сте заборавиле и на непроспиениете ноќи и пореткото водење на љубов. Со малото бебе одново се враќате на минатото. Но, од друга страна, од искуството знаете дека во вашиот живот и во животот на семејството одново ќе се врати мирот.

ПРЕДНОСТИ

  • помирна бременост и повеќе време да се посветите на бебето и стомакот
  • доволно време за постарото бебе
  • постарото дете има повеќе разбирање за помладото
  • постарото дете може да им помага на родителите околу помладото дете

МАНИ

  • генерациски јаз помеѓу децата
  • повторно „запознавање“ со пелените, лажичките, ноќните будења
  • поголемото дете не обраќа внимание на помалото, љубоморно е
  • помалото дете е љубоморно на поголемото затоа што тоа „може сè“, затоа што е големоСовет

    Поради големата разлика свесно вклучете го поголемото дете во одгледувањето на помалото. Поради тоа ќе се чувствува покорисно и ќе се чувствува како голем брат или сестра. Честопати децата со задоволство им помагаат на родителите околу малото бебе, но ако детето тоа не го сака, не мора. Особено ако се работи за петгодишно машко дете, него навистина не го интрересираат бебешки приказни. Прифатете го тоа така, а после и онака сè ќе биде во ред.

Write A Comment