Порано кога во семејствата имало повеќе деца, родителите не можеле ни да помислат дека би можела да се јави љубомора меѓу нив. Родителите имале многу повеќе обврски во домот, немало централно греење, машини за перење алишта и садови… Денес големите семејства се реткост, но затоа љубомората на поголемото дете во однос на новиот член на семејството стана глобален проблем.
Современите родители што чекаат второ дете треба да прифатат дека љубомората на детето е нормална појава, а отсуството на љубомора може да укажува на некои проблеми во семејството.
Често со доаѓањето на второто дете во семејството целото внимание на родителите (а многу брзо и на сите возрасни челнови на семејството) се префрлува на малечкото. А поголемото дете, без оглед на возраста, треба да се приспособи на новата ситуација бидејќи тоа сега престанува да биде во центарот на вниманието. Малечкото сега автоматски станува постар брат/сестра и опкружувањето често инсистира на тоа зборувајќи му дека тоа сега е големо и постаро.
Важно е да сфатите дека самото дете сè уште не ја гледа разликата меѓу новороденчето и себе, па ако родителите не му посветуваат доволно внимание, тоа нема да избира ни начин ни средства за да го привлече нивното внимание.
Затоа, на детето обрнувајте му внимание на малите бебиња на улица, одете на гости кај пријатели што имаат бебе. Поголемото дете нека се запознае со него, а вие зборувајте му за тоа како изгледа новороденче. Покажете му слики или видео кога тоа било бебе, како и тоа не знаело да оди, да зборува и како сè учело полека, чекор по чекор.
Освен тоа, важно е да му кажете дека бебето расте во стомакот, одете заедно да купувате работи за бебето и полека учете го детето да биде што повеќе самостојно.
Доволно време посветувајте им и на детето и на новороденчето. Јасно е дека на помалото ќе му биде потребна поголема грижа, но со добра организација, сè е можно.
Договорете се со сопругот кога се занимавате со бебето, тој да се дружи со поголемото дете и обратно. Освен тоа, помошта од блиските пријатели и роднини е исто така добредојдена.
