Грчкиот осторв Миконос славата ја стекнува во 70-те години благодарение пред се на славните парови Елизабет Тејлор и Ричард Бартон и Аристотел и Џеки Оназис. До денес Миконос останува една од најпосакуваните летни дестинации на познатите имиња од светот на филмот, модата и естрадата.
Миконос е асоцијација за луксуз, луди забави и рајски песочни плажи. Најголем дел од хотелите се со четири или пет ѕвездички, а огромните паркирани јахти потсетуваат дека ова летно „игралиште“ не секој може да си го дозволи.
Од селцата до прекрасните пејсажи, преку светски познатите златни песочни плажи до оние декадентните, најубавите јадења кои некогаш сте ги пробале, траспарентно чистата вода, од луди забави до приватност и спокој…Миконос ги задоволува сите вкусови, најразличните, најпребирливите, и секој гостин тука на свој начин може да си го пронајде летниот рај каков што го замислувал.
Шпиц-сезоната на Миконос започнува на средината на јуни и трае до крајот на август, кога цените значително се зголемуваат, не само во хотелите, туку и во најмалите продавнички и ресторани. Сепак, дури 60 отсто од туристи тука доаѓаат во најскапата сезона.
Островот располага со над 30.000 соби за приватно сместување, вилите нудат сместување во соба и за 1.000 евра по ноќ, а хотелите достигнуваат цени од 300 евра па нагоре.
Најпознатата плажа на Миконос е Парадајс бич. На јужното крајбрежје на островот плажите се најубави, додека оние на северното крајбрежје се посетени од туристите кои сакааат приватност и мир во текот на својот одмор.
Со над милион туристи годишно, Миконос е најпопуларниот грчки остров, а дури 90 проценти од жителите тука живеат само од туризам.










