ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
* 500 г тиквички
* 500 г модри патлиџани
* 2-3 домати
* 120 г кашкавал
* 500 мл млеко
* 60 г путер
* 1 супена лажица брашно
* малку сол
* малку црн пипер
* малку масло за готвење
НАЧИН НА ПОДГОТОВКА:
Загрејте ја рерната на 200 степени. Измијте ги добро тиквичките и модрите патлиџани, а потоа исечете ги на кругчиња со дебелина од околу 5 мм.
Обложете го тавчето со хартија за печење, а потоа испрскајте малку масло врз неа. Наредете половина од кругчињата од тиквички и модри патлиџани така што малку да се преклопуваат едно со друго.
Испрскајте малку сол, црн пипер и сечкани свежи зачини по желба, а потоа наредете еден ред домати исечкани повторно на кругчиња.
Подгответе го бешамел сосот. Во подлабоко тенџерче ставете го путерот да се растопи, а потоа додадете го брашното и запржете 2-3 минути со постојано мешање. Тргнете го тенџерето настрана и постепено додавајте го млекото, повторно со постојано мешање за да не ви се појават грутки. Вратете го тенџерето на оган и мешајте додека не зоврие и не се згусти малку. На крајот додадете малку сол и црн пипер.
Истурете го сосот врз доматите и распоредете половина од изренданиот кашкавал одозгора. Наредете ја одозгора другата половина од тиквички и модри патлиџани и испрскајте со остатокот од кашкавалот.
Печете во загреана рерна околу 50-60 минути. Послужете ја мусаката додека е уште топла.
