Сопствен голф терен, куглана, кино, седум спални соби и секако базен – сето тоа за “само” 19.5 милиони фунти. Станува збор за луксузен имот во северниот дел на Лондон кој се простира на повеќе од 44 илјади квадратни метри, а моментално го чека својот милијардер.
Имотот е познат како “Grovelands” и се наоѓа во Тотериџ, во предградието на главниот град на Велика Британија кое е оддалечено од центарот на само 10 минути со подземната железница, но неговите жители тоа и онака не ги интересира премногу, бидејќи таму можат да стигнат со брзи и скапи автомобили.

Среќникот кој ќе успее да исплати толку пари за овој имот ќе стане сосед со менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер, а се шушка и дека еден од членовите на групата “One Direction” исто така купил имот во близина.
“Станува збор за недвижнина која можат да си ја дозволат само безобразно богатите, а најчесто тоа се руски олигарси или милијардери од Дубаи. Иако за нив даваат големи пари, обично во ваквите куќи не живее никој во поголемиот дел од годината. Сопствениците доаѓаат на месец дена годишно, бидејќи имаат повеќе слични имоти во светот. Тоа им е всушност како викендичка”, вели Марк Полок, директор на лондонската агенција за недвижности “Aston Chase”.

Кога станува збор за опременоста, “Grovelands” има седум спални соби, од која секоја има свое купатило. Тука е и кујната, канцеларијата, просторијата за прием на гости, приватно кино, посебна просторија за забава со одвоена кујна и купатило, приватна куглана, теретана, сауна, базен со летна кујна и тераса, како и градина со приватен голф терен.
Секако, вилата има и приватен приод и гаража низ која се доаѓа до еден целосно опремен помал стан. Во издвоената “колиба” исто така се наоѓаат уште три спални соби, кујна, дневна соба, купатило и дополнителен паркинг.

Целиот имот е луксузно наместен, а интересен е податокот дека лифтот е тапациран во бела кожа. Имотот последен пат бил продаден во 1999 година за само 2.5 милиони фунти, но тогашниот сопственик темелно го реконструирал и го претворил во луксузно “гнездо”.





https://www.youtube.com/watch?v=KMZdbs3Wk9o
