Sweet Home

Новогодишно уредување на домот

Се смета дека внесувањето зеленило во куќата за време на зимските празници претставува симбол на животот. Дури и Римјаните ги украсувале своите домови со зимзелени гранчиња во јануари. Ритуалот на украсување е еден од омилените семејни ритуали и во него уживаат сите, особено децата. Порано елката се украсувала со свеќи, ореви, јаболка, колачи и украси изработени од хартија. Денес божиќното дрво е и моден детаљ на домот, па секоја година постојат различни трендови за негово декорирање и украсување на ентериерот. Како ќе ја декорирате елката, зависи од вкусот, креативноста и материјалните можности.

Бидејќи китењето треба да започне, решивме да ви предложиме неколку модни трендови за новогодишно украсување на домот, а при тоа ставајќи акцент на елката. Без оглед на тоа дали ќе се одлучите за пластична или природна елка или, пак, чоколадно ремек-дело, годинава, за разлика од претходните, се претпочита зелената боја. Најмодерни се златно-кафените, сино-кафените, но и црвено-белите украси. Експертите за декорирање препорачуваат на елката да има само неколку класични украси во форма на топка, а да преовладуваат другите декорации. Оваа година популарни се украсите во облик на животни со кадифен материјал и ангели во различна боја.

Сепак, празниците се време кога се е дозволено, па секој треба да си ја украси новогодишната елка според својата желба. Правила има единствено во поглед на местоположбата на елката – треба да претставува центар на собата. Не треба да се претерува со декорациите за да не изгледа пренатрупана, а тоа бара особено внимание и труд. Обидете се да направите комбинација од старите и новите украси. Исто така, традиција е да се купи барем еден украс за наредната година. И, секако, не смеете да ги изоставите светилките, нивната светлина е симбол на Божиќ, кој носи радост во семејството.

1 Comment

Write A Comment