Милијардерите кои фантазираат за бегство на крајот на светот сигурно ќе бидат заинтересирани за “Siksplorer”, најверојатно најопасната суперјахта која постои. Ова е прва комбинација на ледокршач и на луксузна јахта во светот.
Станува збор за брод кој на оние со многу длабок џеб им овозможува да го напуштат Медитеранот и да се упатат кон Северниот пол.

Дизајнирана е од страна на “Damen Group”, која инаку ги дизајнира воените бродови на морнарицата и се надева дека “Siksplorer” ќе ја избрише границата меѓу воените и комерцијалните бродови.
“Кога станува збор за брзината и досегот, нашите бродови ги надминуваат сите други. Уште една предност е што “Siksplorer” е самодоволен, бидејќи содржи резервни делови и цела опрема потребна за престојување во ледените мориња”, велат од компанијата.

Благодарение на трупот со ознака “sea axe” (морска секира), “Siksplorer” може да разбие лед и до еден метар длабочина.
“Досегашните ледокршачи беа ефикасни, но не и удобни. Со овој концепт ние успеавме да ги вклучиме двете работи”, се вели во описот.

Постојат три верзии на “Siksplorer”, од 65 до 100 метри должина. Најмалиот може да собере 32 луѓе. Секој содржи теретана, сауна, базен и палуба за набљудување на морето.
Секој кој сака да стане сопственик на овој неверојатен брод ќе мора да се запише на листата на чекање и да биде трпелив во текот на наредните четири години. Цената на луксузната јахта е тајна, но дизајнерите велат дека на светот постојат десетина луѓе кои би можеле да си ја дозволат.






