Motherhood

Писмо на еден татко: Малечка, најубава си одвнатре!

Кели Фланаган е писател, доктор по психологија и татко. На својот блог објави писмо со кое се обидува да и објасни на својата ќерка што значи да си убав, како и да ја предупреди на тоа дека рекламите за козметика се невистинити и поразувачки за паметните личности.

Неговата ќерка има само 4 години, не знае да чита, но д-р Кели всушност им се обраќа на сите девојки и жени.

„Драга малечка,

Додека ова ти го пишувам, седам во одделот во кој се продаваат козметички производи во една локална продавница. Неодамна еден пријател ми испрати порака дека додека се наоѓал на слично место се чувствувал како да е на најсуровото место на светот. Се обидов да го разберам. Сега, додека седам овде, почнувам да се согласувам со него. Зборовите имаат моќ, а зборовите кои ги гледам на витрините со козметичките производи, гледам дека се многу моќни. Зборови и фрази како:

Достапно, преубаво, безгрешно, сјајна убавина, течна моќ, одберете природно, речиси гола, пркоси на годините, моментално го враќа времето, избери го својот сон, природна убавина, беспрекорна завршница…

Кога ќе станеш родител на девојче, сфаќаш дека таа е силна исто како и сите околу неа, таа е силата на која треба да сметате, душа со исти желби и страсти какви што има било кој друг. Но, додека седам во одделот на оваа продавница, сфаќам дека не е така. Ќе ја гледаат како убаво лице и тело за уживање. Ќе и речат дека мора да изгледа на одреден начин за да биде вредна и влијателна.

Но, зборовите имаат моќ и можеби, само можеби, зборовите на таткото можат да се натпреваруваат со зборовите на светот. Можеби татковите зборови можат да му помогнат на девојчето да го претвори шамарот на институционалниот срам во силно чувство на сопствена вредност и убавина.

Татковите зборови не се како на останатите, но имаат поинакво значење:

Сјајна сила. Нека твојата сила не биде во ноктите, туку во срцето. Разбери која си, а потоа ќе можеш успешно да се пробиваш низ животот. Избери го својот сон, но тој сон нека не доаѓа од ваквите продавници. Пронајди тивко место во себе и тука посади ги своите соништа. Откриј што сакаш во овој свет, а кога ќе избереш, продолжи со тоа, со интегритет и надеж. Гола. Светот сака да се разголиш. Меѓутоа, ти симни ги ракавиците. Кажи што ти лежи на срце. Биди ранлива. Ризикувај. Сакај ги сите, и оние кои едвај знаат што е тоа љубов. Прави го тоа разголено. Отворено. Безгрижно.

Биди секогаш свесна за една работа – безгрешност не постои. Тоа е илузија која ја создале луѓе кои се заинтересирани за твојот новчаник. Ако избереш да трагаш по совршенството, биди непогрешиво благодарна поради тоа која си и поради сите кои те опкружуваат. Пркоси им на годините. Твојата кожа ќе се промени, младоста ќе исчезне, но твојата душа ќе остане вечно млада. Секогаш ќе знае како да си игра, како да ужива и да лудува во овој живот, во кој имаме само една прилика. Пркоси му на стареењето на твојот дух.

Беспрекорна завршница. Крајот нема никаква врска со тоа како денес изгледаме, но има врска со тоа каков е нашиот живот. Затоа, годините во животот нека бидат подготовка за денот кога ќе дојде крајот. Стареј грациозно, созревај мудро, сакај толку многу што со љубовта ќе ги опфатиш сите луѓе. Нека твојата беспрекорна завршница биде спокојна прегратка на крајот и патот кон непознатото, а твојот живот дар на сите што си им во срцето.

Малечка, ти сакаш се што е розово и накитено, но сигурен сум дека еден ден и самата ќе сфатиш дали шминката е навистина важна. Сепак, те молам еден збор да стане многу важен – последниот збор кој ќе го изговориш пред спиење, кога ќе те прашам каде си најубава. Зборот кој е толку светол што ниту еден коректор не би можел да го сокрие.

Кадe си најубава? Одвнатре!

Од моето до твоето срце,

Тато“.

Write A Comment