Motherhood

Повојница – древен ритуал за благослов на бебето

Повојница е стара народна традиција што во различните делови на Македонија се прави со извесни разлики во правилата на обавување на ритуалот. Но насекаде целта е иста – да биде представен пред светот еден нов член на семејството, на кого да се посака среќа, здравје, долг живот и др.

Според старата македонска традиција повојницата за новороденото бебе се прави на 40-от ден од раѓањето. Се оди во црква и после тоа веќе сите може да го видат бебето, а мајката веќе може да го шета надвор и да го меша со луѓе.

Времето во кое се извршува овој обред не е случајно.  Се смета дека до 40-от ден родилката е „нечиста“. Односно до тој момент и мајката и бебето се наоѓаат помеѓу животот и смртта, тие сеуште се во светот на хаотичното, неподреденото.

Гостите треба да дојдат на светло и да си одат на светло. Светлината на денот е симболика што ја представува светлината во животот на детето. Секој од гостите со себе носи по еден благослов за детето. Еден носи среќа, друг пари, трет љубов и.т.н.

Повојницата за бебето представува покана на добрите сили, анѓелите и светците да дојдат и да го благословат детето со долг и среќен живот. Овој обичај е почитуван во најразлични страни во светот и од таму произлегуваат многу фолкролни приказни базирани на тој ритуал – „благословот на наречниците“. А во христијанството тоа се анѓелите чувари и светецот заштитник на домот и семејството кои од денес па понатака ќе го закрилуваат новиот член во куќата.

Гостите треба да носат слатки нешта и пари, за да биде сладок животот на детето, а парите и подароците симболизираат живот во изобилство.

На прагот на домот треба да се постави црвен конец  уште пред пристигнувајњето на првите гости. Црвениот конец има заштитна улога и ги пази детето и родилката од злите сили. Така лошото не може да го пречекори прагот.

Убава македонска традиција што заслужува да продолжиме да ја негуваме…

Напиши коментар