Здраво тело

Ренот е природен чистач на организмот

Ренот ја поправа општата состојба на организмот. Освен што делува поволно на органите за варење, корисен е и за болните непца.

Помеѓу бројните зачински билки, ренот зазема посебно место. Меѓутоа, во нашата исхрана ова растение не е доволно застапено, иако им дава посебен вкус на јадењата со месо. Како зачин се користи исклучиво свежиот корен кој има лут мирис и вкус, но и свежата билка со цветовите. Специфичниот мирис и вкус во коренот, кој свеж може да се користи во текот на целата година, потекнува од состојката сингрин.

Улогата на ренот во исхраната е да ја надразни слузокожата и да ја поправи општата состојба во организмот. Освен што поволно делува врз органите за варење, консумирањето на ренот е корисно и за болните непца, како и за исфрлање на секрет од белите дробови. Исто така, утврдено е дека состојките на коренот на ренот го спречуваат размножувањето на бактерии.

Коренот се вади од јуни до ноември, а листовите се берат од мај до октомври. Од хранливи состојки, коренот содржи јаглени хидрати, белковини и масти. Содржи и завидна количина витамин Ц, како и гликозид, глутамин, глукоза, калиум, етерични масла и секако, сингрин.

Младите листови на рен имаат од 300 до 400 милиграми аскорбинска киселина и околу 14 милиграми бета каротен. Од минерали, листовите на рен се богати со калиум, калциум, фосфор, магнезиум, хлор.

Освен што коренот од рен најчесто се користи како зачин за јадењата од месо, со додаток од јогурт, шеќер или мајонез, добар е и за правење сосови и други додатоци.

Иако е делотворен, рен не би требало да земаат оние кои често имаат дијареја, како и луѓе кои ноќе се потат. Од друга страна, кај дијабетичарите ренот ја намалува жедта поради што, посредно, заради намалено внесување на течности, се регулира нивото на шеќер во крвта.

Салати со рен

Во зелена салата со мешавина од јогурт и кисела павлака додадете изрендан рен и мелен ким.

На крупно изрендан корен од целер во кисела павлака додадете изрендан рен и магдонос.

Изрендан рен може да се стави и во компир салата.

За олеснување на дишењето

– Против воспаление на синусите: На загреана рингла ставете изрендан рен, наведнете се над ринглата покриени со пешкир и вдишувајте ги испарувањата пет до десет минути. Најдобро е ова да го направите пред спиење. После неколку дена синусите ќе почнат да се чистат.

– Чај против болести на белите дробови: Ставете два децилитри зовриена вода врз десет грама изрендан корен и оставете да стои неколку минути. Два до три пати дневно пијте мала шолја чај.

– Против астма: Варете на тивок оган шолја оцет од јаболки и четири супени лажици изрендан рен. Кога ренот ќе омекне, изцедете го и на добиената количина додадете исто толкава количина мед. Смесата варете ја на тивок оган додека не се згусне, а потоа додадете го и претходно сварениот рен и оставете смесата да се олади. Се пие наутро и навечер.

Напиши коментар