Motherhood

Собата на вашето дете според Фенг Шуи

Експертите по Фенг Шуи веруваат дека хармонијата во интериорот има влијание врз расположението и поведението на детенцето. Базирајќи се на древното кинеско учење, се смета дека е најдобро детската соба да биде ориентирана кон исток, но ако не е, не е фатално бидејќи тоа може да се реши со помош на подредувањето на елементите во собата и боите.

При изборот на бои за килимот, завеси, постелнина и слично не се придржувајте кон старото правило дека штом е девојче треба да биде розово и сино за момче.

Многу посоодветни за децата се телесните и земјени бои како што се бежовата, окер, кремава, цигла боја и кафеава. За хиперактивни деца се препорачува меко килимче во сино – бела комбинација. За срамежливи и повлечени деца се препорачува поголема соба каде преовладуваат црвената и зелената боја.

Не се препорачува да лепите по ѕидовите плакати од  разни тин ѕвезди или анимирани херои. Се смета дека ококорените очи и широките насмевки на овие ликови можат да го трансформираат и најмирното детенце во хиперактивно.

Според експертите позитивно влијание врз детето има сликата закачена точно наспроти вратата. Најдобро е ако детето си ја избере само. Дури и ако вкусовите не ви се совпаѓаат, треба да знаете дека детето е веќе личност со сопствено мислење и со право на личен избор.

Задолжително поставете во собата на вашето дете часовник бидејќи има влијание врз дисциплината, мирот и редот. Глобусот или географската карта мотивираат и го потикнуваат кон учење и совладување нови нешта. Треба да поставите кристал од кварц во североисточниот агол на бирото кој ќе му помогне побрзо и лесно да ги совладува домашните задачи. Бирото треба да се постави точно под прозорецот, а под креветот треба да царува идеален ред иначе хаосот ќе се пренесе и во неговата глава, во неговите мисли.

Во детската соба нема место за телевизор. Добро би било да има музичка кутија бидејќи звукот не само што смирува, но и го прочистува просторот од негативна енергија.

Запомнете, секое дете е индивидуално и за да има оптимален ефект треба да се посвети внимание на неговите лични карактеристики.

Напиши коментар