Motherhood

Бебињата точно знаат кога нешто не знаат

Размислување за размислувањето, или метакогниција, всушност е способност која сме ја развивале уште од детството, а скорешни истражувања покажуваат дека дури и малите деца – бебињата се добри во тоа.

Само затоа што децата не можат да кажат што мислат, тоа не значи дека тие не размислуваат за тоа што мислат.

Нам возрасните тоа ни е нормално, таа способност за проценување на сопствените мисли кои ги имаме и за кои можеме да разговараме – посебно кога сме сигурни околу нешто. Меѓутоа, размислувањето околу размислувањето, или метакогниција, всушност е способност која сме ја развивале уште од детството, а скорешни истражувања покажуваат дека дури и малите деца – бебињата се добри во тоа.

Додека бебињата учат со гледање и покажување, тие всушност се и тоа како свесни и за поимите кои уште не ги знаат, а тоа добро го покажуваат тогаш кога бараат помош. А тоа го прават и бебињата кои сѐ уште не зборуваат, па тоа барање на помош често не се забележува, посебно доколку не сме свесни дека воопшто ја бараат. Но, научниците кои набљудувале бебиња дошле до заклучок дека таа врска на размислување околу размислувањето навистина почнува уште на најрана возраст.

За да го докажат тоа тврдење, истражувачите на парискиот Sciences et Lettres направиле експеримент со бебињана возраст од 19 до 21 месец – на кои прво им покажале, а потоа им ги сокриле играчките.

После 3-12 секунди (колку што е доволно за бебињата да размислат, а мислите да не им одлутаат), истражувачот би го упатил детето да им го покаже местото каде што е скриена играчката, за да ја добијат назад. Половина од децата имале можност да видат каде е скриена играчката, а половина ја немале таа можност. Затоа, првата половина од децата точно знаеле каде е скриена играчката и тргнале сами по неа, но на другата половина очигледно и била потребна помош.

Но, не сите деца побарале помош. Побарале помош оние кои во тој момент во своите мисли го извршувале тој мисловен процес – размислувале околу играчката, сфатиле дека навистина не го знаат одговорот на прашањето каде е играчката и после тој заклучок со поглед ги барале своите родители за да им помогнат.

Меѓутоа некои деца не ни пробале да побараат помош, нити во текот на размислувањето за играчката останале сконцентрирани на тој мисловен процес и тие деца очигледно уште не ја стекнале таквата метакогнитивна вештина. Можеби не сѐ уште, или не во тој момент, но секако наскоро ќе почнат самостојно да размислуваат околу работите кои ги знаат и работите кои не ги знаат и за кои ќе мора да побараат помош.

Во секој случај, овој експеримент утврдил дека ако помошта била опција, децата иако сѐ уште се многу мали и иако мнозинството од нив сѐ уште не зборува, знаеле кога треба да прашаат за тоа и биле свесни за својата несигурност. Значи тие, во суштина размислуваат околу своето размислување. Нешто, што сигурно не би го претпоставиле за така мали дечиња, зар не?

Напиши коментар