Motherhood

Дали климата е опасна за децата

Глобалното затоплување нè погодува нас, а да не зборуваме за топлите краишта. Не постои дилема дали климатизацијата е потребна (секако дека е потребна), туку прашањето е како здраво да се климатизира просторијата за живеење и работа, а особено местото каде што седат децата.
Треба ли да се климатизира станот каде што живеат мали деца?
Одговорот е краток – треба, но со почитување на неколку важни принципи:
·         Исчистете ги филтрите! Тоа е исклучително важно, бидејќи нечистите филтри можат да бидат вистинско легло на микроорганизми (габички, но и бактерии) кои лесно се шират по станот. Ако клима уредот е нов тогаш филтрите се во ред, но веќе по една сезона филтрите, пред првата употреба, мора да се исперат. Тоа е работа од десетина минути, која е идеална за татковците.
·         Проверете ја исправноста на клима уредот. Ова е важно за оние кои се користат веќе неколку години. Ако забележите необичен мирис по вклучувањето или ако нешто „кркори“ додека работи клима уредот, веднаш исклучете го и повикајте мајстор! Најдобро би било да правите редовен сервис наместо да чекате да се појави проблем.
·         Клима уредот не смее директно да дува кон детето! Лесно е да се прилагодат крилцата за во собата да биде пријатно и никој да не биде директно изложен на студениот воздух.
·         Одберете пријатна температура – не правете фрижидер од станот! Правилно е температурната разлика од надворешната да биде 5 до 7 степени.Секако, ако надвор е 40 степени ова е неприменливо и треба температура да се намести така што ќе им одговара на сите. Немојте постојано да го вклучувате и исклучувате клима уредот!
·         Не излегувајте нагло со детето надвор од климатизираната просторија. Тоа е вистински шок за сите, а особено за дете. Ако планирате подолго да бидете надвор од станот, разумно е барем 15 минути пред излегувањето од станот да го исклучите клима уредот. Ако ви се брза или ако заборавите тоа да го сторите, бидете во ходникот барем 5 минути пред да излезете на жешкото време.
·         Избегнувајте нагло влегување во изладен стан. Повеќето нови клима уреди имаат тајмери, па можете да го наместите да почне да лади пред да се вратите дома. Тоа навистина не е здраво! Подобро е клима уредот да го вклучите кога ќе се вратите дома и полека да се разладите, отколку да влезете во фрижидер. Секако, ако направите дома да ви биде пет степени помалку од надвор, тогаш можете клима уредот да го вклучите и пред да се вратите дома.
Ако ги почитуваме овие принципи, нема опасност од здравствени проблеми.
Што со климата во текот на ноќта?
Тоа зависи од местото на живеење. Ако сте блиску до шума или река, ноќите се пријатни. Отворете ги прозорците и исклучете ја климата (претходно заштитете се од комарци). Ако сте опкружени со бетон, тогаш клима уредот нека работи, но вклучете го на “sleep (или night) mode“. Сите нови клими ја имаат таа опција. Така температурата ќе биде пријатна а добриот сон е обезбеден.

Треба ли да се климатизираат градинките и училиштата?
Тука нема дилема – треба, но со почитување на принципите за здраво користење и одржување на клима уредите. Не е добро некои простории да имаат, а други да немаат клима уред! Таа нееднаква климатизација може да биде многу непријатна и понекогаш опасна за здравјето на децата. Затоа за големите објекти најдобра е централната климатизација, но, за жал, таа е многу скапа за дополнително вградување.
Помалите градинки лесно можат да се климатизираат со стандардни клима уреди, но потребно е да се одржува иста температура во сите простории.
Така на децата ќе им биде попријатно, но и персоналот ќе биде порасположен за работа, што значи дека на сите ќе им биде подобро ако не се „варат“ во неклиматизирани градинки.
Дали е добро да се има клима уред во колата?
Секако дека е добро! Ако одите на подолг пат, климата е неопходна. Претходно сменете ги филтрите и проверете го клима уредот. Млазот на студениот воздух не смее да удира во детето. Пред излегувањето од возилото, исклучете го клима уредот барем на десет минути, а некоја минута пред да излезете од возилото отворете ги прозорците за да се навикнете на надворешната температура и да го избегнете температурниот шок.
Кога сакате да отидете со колата некаде на десетина минути, не е паметно да се вклучи клима уредот, бидејќи од колата ќе треба да излзете токму кога внатре сте ја постигнале саканата температура. Таквото „сецкање“ не е добро за детето.
Заклучокот е едноставен – клима уредите се добри за сите, па и за децата, ако се почитуваат основните и добро познати принципи за здрава климатизација. Немојте да се „варите“!
Не треба да се заборави дека клима уредите не се само спуштачи на високата телесна температура, туку тие ја намалуваат и влажноста на воздухот која е непријатна исто како жештината.

Напиши коментар