Motherhood

Дали сте подготвени да станете мајка?

Мајчинството е еден од најубавите периоди во животот, но исполнет со многу обврски кои понекогаш нѐ тераат да се запрашаме, дали навистина сме спремни за улогата мајка?

Секоја девојка и жена мечтае да стане мајка еден ден, но не секогаш е спремна за тој чекор. Понекогаш, иако чука биолошкиот часовник, тоа не значи дека сте подготвени за обврските кои ги носи мајчинството. Многу често девојките и жените одлучуваат да родат дете само поради тоа што нивните членови од семејството и пријателите им вршат притисок. Доколку сакате да станете мајка, но сепак се двоумите, овие прашања можат да ви помогнат да го пронајдете одговорот.

Запрашајте се зошто сакате да станете мајка

Голем број од жените и девојките одлучуваат да родат дете само поради тоа што сите нивни пријателки станале мајки или за да имаат некој кој ќе се грижи за нив кога ќе остарат. Некои од нив се чувствуваат како да не постигнале ништо во животот ако не родат дете. Желбата да се стане родител не треба да биде поради овие причини. Доколку сакате да ја искусите бременоста, раѓањето на дете и одговорноста за животот на детето, тогаш вие сте спремни да станете мајка. Некои жени едноставно чувствуваат кога е вистинското време да станат мајка. Децата се доживотна емоционална, физичка и финансиска одговорност, затоа запрашајте се дали навистина сте спремни да се грижите за вашето дете. Ако ова прашање прави да се двоумите, тогаш најверојатно сѐ уште не сте спремни да станете мајка.

Дали сте финансиски стабилни?

Секако дека парите не треба да бидат причина за да се откажете од мајчинството, но да бидеме искрени, финансиската нестабилност може да предизвика голем проблем. Пред сѐ, размислете колку пари се трошат откако ќе се роди детето. Постои разлика во тоа каде живеете и на каков начин сакате да се породите, но во секој слчај треба да бидете финансиски спремни. Голем дел од парите се трошат за облека, пелени, храна и мебел за бебиња, како и честите докторски прегледи и секојдневна грижа. Потоа, кога вашето дете ќе порасне следат трошоците за образование. Не заброравајте и на трошоците за здравствените прегледи додека сте бремена. Дали сето тоа можете финансиски да го поднесете?

Промени во начинот на живот

Дали можете во исто време да одите на работа, да се грижите за детето и да ги завршувате домашните обврски? Дури и да немате работа, мајчинството е работа која трае 24 часа, 365 дена во годината. Мајчинството ве тера потполно да го смените вашиот начин на живеење. На пример, доколку го обожавате ноќниот живот и забавата, ќе бидете принудени да се откажете од тие навики. Вашите приоритети ќе се сменат, со што ќе морате да се прилагодите на новите ситуации. Дали навистина сте спремни за големите промени во вашиот живот?

 

Напиши коментар