Cafe Del Mar

Диета со ориз

Нека не ве залажува името, лицата кои ќе се одлучат за оваа диета јадат повеќе од само ориз. Диетата со ориз датира од 1934 година, кога др. Валтер Кемпнер, придружувајќи му се на тимот на Универверзитетот за медицина Дјук, почнал да користи исхрана со малку сол и масти во лечењето на пациенти болни од болести на бубрезите. Терминот „диета со ориз“ доаѓа од фактот што секој пациент со својот оброк добивал и чинија со ориз. Многу бргу се покажало дека ваквиот начин на исхрана, освен што влијае поволно на здравјето, има одличен удел и во губењето на килограмите. 

Основни правила на диетата

Диетата со ориз, вклучува околу 30тина дозволени продукти богати со сложени јагледхидрати, а сиромашни со сол, масти, протеини и шеќери. Примарната цел на оваа диета е детоксикација на телото со превенција и лечење на хроничните болести, а слабеењето доаѓа само по себе.

Диетата вклучува три фази: Првата фаза е детоксикацијата која трае една недела. Во текот на оваа фаза внесувањето на храна е оскудно, а вклучени се неколку скробни продукти како ориз и киноа. Овошјето е дозволено само еден ден во текот на неделата, а останатите 6 дена со скробните производи се комбинира зеленчук и нискомаслени млечни (или соини) производи. Во првата фаза се внесуваат 800 kcal, од кои јаглехидратите содржат до 89% од енергијата, а внесувањето на натриум достигнува до 300мг.

Втората фаза е фаза на активно губење на килограмите која трае се додека не се постигнат посакуваните резултати. Дневното мени дозволува 1200 kcal дневно, а се разликува од првата фаза по тоа што еден ден освен зеленчук може да се внесуваат и протеински продукти – првенствено риба, а потоа и нискомаслени млечни производи и месо без масти. Во втората фаза јаглехидратите овозможуваат 80% од вкупната енергија, а внесувањето на натриум достигнува до 500мг дневно.

Последната и трета фаза се разликува од втората по тоа што можат да се внесуваат додатни 200 kcal, а во менито се дозволени продукти како тофу, сирење маслинки и јаткасти плодови. Два дена во недела може да се јаде риба, а ако и понатака се губи на тежина во тој случај еден ден зеленчукот може да се замени со протеини.

Мало количество на сол

Внесувањето на мало количество на сол е многу важен дел од диетата, бидејќи авторите сметаат дека солените продукти отвараат апетит и предизвикуваат здебелување. Некои од основните правила на диетата подразбираат 3 оброка дневно, и вежбање на таи чи или јога, секојдневно. Доколку не сте поборник на овие вештини можете да се занимавате со пливање и одење. Бидејќи диетата е сиромашна со калциум и витамин Д, авторите препорачуваат мултивитамински додаток во исхраната.

Во текот на втората и третата фаза дозволени се и една шолја кафе дневно, но без млеко и шеќер. Сепак, кафето можете да го засладите со мед или јаворов сируп. Според авторите оваа диета може да овозможи губење на 10 – 15 кг во првиот месец, а потоа просечно губење на 1-1.5 кг неделно, во зависност од интензитетот на вежбите.

Предности на диетата

Диетата има долга историја и комплетно развиена програма за подобрување на здравјето и постигнување на витка линија. Диетата нуди брзо и делотворно губење на килограмите, иако нејзината долготрајна делотворност е ставена под знак прашалник.

Најголема предност на оваа диета е ограничувањето во внесување на сол, кој во денешната исхрана зазема алармантни размери. Внесувањето на голема количина на сол доведува до собирање на течности во организмот, зголемување на ризикот од разни болести, особено зголемен крвен притисок. Листата на дозволени продукти кои смеат да се внесуваат можеби не е долга, но се работи за хранливи состојки пожелни во сечија исхрана. Редовните задолжителни вежби се уште еден плус за оваа диета.

Недостатоци на диетата

Диетата со ориз одлично функционира во контролирани услови и под надзор, но во домашни услови бара големo посветување. За нејзино непречено спроведување потребна е голема дисциплина, а поради големата рестриктивност долгорочното придржување е тешко.

Внесувањето на масти, како и протеини во самата диета е многу ограничено и помало од препораките, па поради тоа се ризикуваат дефицити на одредени состојки.

Напомени 

Диетата е добар избор за оние кои треба да ослабат од медицински причини, но само во претходно советување со лекар.

Пример за дневно мени 

Појадок: интегрален леб и 1/2 шолја посно сирење; јаболко

Ручек: 1 шолја ризото од шампињони, чаша незасладен природен овошен сок

Вечера: 1 шолја интегрални тестенини со брокула; портокал

Напиши коментар