Убавина

Дознајте како правилно да ги користите сите бои на коректор

Коректорот без сомнение е неопходно парче шминка кое треба да го имате во својот несесер. Тој ги покрива дамките на лицето, темните кругови под очите и хиперпигментацијата, со еден збор прави сè да изгледа рамно и без маани. Не спиевте доволно, а имате важен состанок? Коректор! Заспавте со шминка и сега имате неколку акни на лицето? Коректор! (Иако никако не смеете повторно да заспиете со шминка!) Ви треба добра подлога за сенката? Коректор! 

post cover photo

Иако потрагата по вистинскиот коректор може да биде малку збунувачка, кога имате повеќе информации, подобро ќе можете да одберете. За почеток, ако сакате да ги прекриете дамките на кожата, тогаш ви треба коректор со боја која е најблиску до вашиот тен, додека пак за осветлување на темни кругови под очите ви треба нијанса која е за половина тон посветла од вашата кожа. Барем така тврдат експертите.

Бледо зелениот коректор е одличен за покривање на црвенило. Иако кога ќе го нанесете на кожа тој не изгледа зелено, се препорачува зелениот коректор да се користи под пудрата. Зелениот коректор одлично функционира за дерматитис, розацеа (истакнато црвенило на лицето), па дури и над благи изгореници од сонце.

Следен е виолетовиот коректор. Светлата лаванда ја осветлува кожата и го изедначува тенот. Лавандата исто така ги неутрализира жолтите тонови на кожата и треба да се користи под пудрата.

Ако сте во потрага по уште една нијанса на коректор кој ја осветлува кожата, тогаш тоа е бледо жолтата. Бледо жолтите тонови ќе го омекнат црвенилото, додавајќи топлина на секаков тен.

Сакате да ги покриете темните кругови? Обидете се со бледо розова – лосос нијанса, која ги неутрализира сините, па дури и сиви тонови. Сепак, внимавајте со нанесување на оваа нијанса, ако ставите розов коректор надвор од темните кругови ризикувате да добиете портокалов сјај на кожата.

Write A Comment