Motherhood

Едноставни секојдневни начини за интелектуален развој на Вашето дете

Ако постои нешто едноставно што можете да го сторите за секојдневното функционирање на вашето дете на училиште, како додаток на неговото добро на долг рок во образовните и здравствените карактеристики, заработката и семејната стабилност, сугурно ќе сакате да го сторите, зарем не?

Па, верувале или не, такво едноставно нешто постои! И попросто е отколку што си мислите. Што е тоа? Зборувајте им на вашите деца!!!

Проучувањата покажаа дека на бебињата им е потребно нешто повеќе отколку најмодерните колички, интерактивни играчки или бебешки седишта во колата, за добар старт во нивниот интелектуален, емоционален и физички развиток. Потребни им се зборови, песнички, рима, лежерно дрдорење, книги и приказни за заспивање. Сето тоа брборење што ќе го правите со вашето дете, не е без врска и без смисла – тоа го развива мозокот! Кога му зборувате на бебето, тоа не го поттикнува само развитокот на неговиот говор. Тоа е од клучна важност за целокупниот развиток на мозокот.

Секогаш кога негувателот има позитивна, вербална интеракција со дете, невронските врски се зајакнуваат во нивниот брзорастечки мозок. Тоа значи, дека зборовите што произлегуваат од радиото, телевизорот или кога некој зборува на телефон – од нив нема никаква полза! Интересно, нели?

Проучувањата на универзитетите Рајс и Колумбија доведоа до големи откритија во врска со тоа колку повеќе зборови слушаат секој ден децата што растат во семејствата од средната и погорната класа, наспроти децата од семејствата со малку примања. За време на првите четири години од животот децата од сиромашните семејства слушаат околу 30 милиони помалку зборови (оклу 1/3 помалку) од нивните побогати врсници.

Она што детето го слуша, има директни последици по тоа што го учи и значителни импликации на долг рок. Овој јаз расте како што расте и детето.

Покрај недостатокот од изложеност на зборови, зборовите што дете од посиромашни семјства ги слуша, честопати се негативни заповеди или зборови на обесхрабрување. Според една студија, до четвртата година од животот просечното дете од социјално загрозено семејство слуша 125.000 повеќе зборови на обесхрабрување отколку на охрабрување. Во споредба со тоа, дете од доброситуирано семејство ќе слушне 560.000 повеќе зборови на пофалба отколку на обесхрабрување.

Дотука беа лошите вести – и нешто што ние како општество треба да го имаме на ум! Но, има и добри вести – без разлика на класата или приходот. Накратко кажано, решението е бесплатно и лесно: зборувајте му! Зборувањето не само што го развива мозокот на децата, туку доживувањето на зборовите од детето и комуницирањето со него е и збогатувачко искуство за нас возрасните.

Отстранувањето на јазот од 30 милиони зборови бара рана интервенција и претставува цел на секое развиено општество.

Еве неколку едноставни начини како можете на предшколското дете да му помогнете да го развие мозокот и говорот:

Почнете со книги веднаш после раѓањето. Ставете книги од текстил во креветчето. Користете водоотпорни книги во кадата. Ставете книги до седиштето во колата, на долните полици и на други места каде што ќе може да ги дофати. И најважното – читајте му секојдневно!
Правете гестови и изрази на лицето кога му зборувате на детето, за да му помогнете да ја разбере смислата на зборовите.
Користете природно нови и интересни зборови во конверзацијата. Изговарањето на нови зборови во контекст им помага на децата да го разберат нивното значење.
Пејте или рецитирајте поезија и рима за преку игра да го збогатувате речникот.
Зборувајте со децата и поттикнувајте ги да си зборуваат помеѓу себе. Поставувајте прашања, коментирајте и поттикнувајте ги да размислуваат и да ги искажуваат своите идеи.
Одете во библиотеки и книжарници. Во нив има оддели за деца со убави книги и пријатни места каде што можат да се зближат со книгата.
Телевизорот нека биде исклучен и намалете го времето што вашето дете го поминува пред било каков екран!

Write A Comment